Кривичен му го одзеде пасошот на Деспотовски и му наложи времено да се јавува во суд

Оттаму нагласуваат дека осомничениот денеска самиот, доброволно дошол во Судот за да се произнесе по однос на предлогот на ОЈО

Скопскиот Кривичен суд го прифати барањето на Основното јавно обвинителство – Скопје за одземање на патната исправа и обврска повремено да се јавува во судот за поранешниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски, информираат од Судот.

Оттаму нагласуваат дека осомничениот денеска самиот, доброволно дошол во Судот за да се произнесе по однос на предлогот на ОЈО.

Како што информираа претходно од Обвинителството, одговарајќи на новинарски прашања, против Деспотовски се води претходна постапка поради постоење на основано сомневање за сторено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик.

Оттаму информираа дека надлежен јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје денеска доставил предлог за одземање на патната исправа на Деспотовски и обврска за негово повремено јавување во Судот како мерки на претпазливост.

Поранешниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски и член на СДСМ ги демантираше тврдењата објавени во дел од медиумите дека бил приведен по налог на Управата за финансиска полиција (УФП). Според него, информацијата дека е приведен поради сомневање за проневера од два милиона евра е намерно дезинформирање на јавноста.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close