Кривичен одложи две рочишта за „Државна лотарија“ по спроведувањето на Перпарим Бајрами во затвор

Се одлагаат расправите закажани за 11 и 16 септември во судскиот процес за случајот „Државна лотарија“, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.

Одложувањето следува откако ексдиректорот на Државна лотарија и првообвинет во случајот, Перпарим Бајрами, кој речиси две години беше во бегство, утрово сам се пријави за влез во земјава на граничниот премин „Долно Блаце“. По влегувањето во земјавата, тој е приведен и спроведен во затворот во Шутка.

„Судењето ќе продолжи на 18 септември во 12 часот“се вели во соопштението од Кривичен.

Оттаму информираат и дека управата на КПУ Затвор „Скопје“ во Шуто Оризари го известила Судот дека Бајрами, провообвинетиот во предметот „Државна лотарија“, а за кого била распишана потерница, утрово се пријавил во затворот.

Поради тоа, Судот во текот на денот ќе му достави примерок од обвинителниот предлог за да може да се запознае со неговата содржина.

Обвинетиот, согласно законскиот рок, има осум дена за увид во обвинителниот предлог и доказите.

Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска соопштија дека против обвинетиот Бајрами се води судска постапка. По предлог на јавен обвинител, додаваат, за него веќе е определена мерка притвор која е активна.

„Судската постапка во која тој е обвинет за кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување е во тек“се вели во соопштението.

Дополнително, оттаму велат дека против него во тек се уште четири постапки за истото дело во кои се прибираат докази и се вршат вештачења.

Инаку, Перпарим Бајрами по речиси две години во бегство, утрово сам се пријавил за влез во земјава на граничниот премин „Долно Блаце“, по што е лишен од слобода и е спроведен во казнено-поправната установа Затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.

По Бајрами, кој е првоосомничен за проневера и злоупотреба на службената положба во случајот „Државна лотарија“, во декември 2024 година беше распишана меѓународна потерница. Тој заедно со поранешниот прв вицепремиер и висок ексфункционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Артан Груби, се меѓу главните осомничени за злоупотреби во Државна лотарија.

Се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, во врска со противзаконска набавка на видеолотариски темринали за приредување електронски игри на среќа.

Според обвинението, обвинетите во текот на 2023 и 2024 година ги пречекориле границите на своите службени овластувања, иако знаеле дека АД Државна лотарија нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали.

Новина во обвинителниот предлог е што Обвинителството направи негово допрецизирање, што произлегло од вештачењето, и според кое, наместо за штета од 507 623 173 денари или 8,2 милиони евра, обвинетите сега се товарат за штета од околу 9,7 милиони евра или 596 125 511 денари.

Back to top button
Close