Кривичен суд за судењето за трагичната смрт на Ивана и нејзината ќерка: Наместо сензационализам, новинарите да се придржуваат кон новинарската етика

Денеска од Кривичниот суд ги повикаа новинарите и медиумите да внимаваат како ќе известуваат од судењето за трагичната смрт на Ивана и нејзината малолетна ќерка Катја.

Во прилог целото соопштение од судот:

-Во однос на тековното судење за предметот поврзан со трагичната смрт на мајка и дете во Скопје, а кој е постапка од јавен интерес, како и начинот на кој се известува од истиот и вчерашните реакции на известувањата, ја информираме јавноста дека:

Основниот кривичен суд Скопје, како за овој така и за сите останати предмети од јавен интерес, овозможува максимални услови за транспарентна и непристрасна постапка во рамки на Законски дозволеното. Судот нема овластување на било каков начин да им влијае на медиумите во нивниот начин на известување, туку, како и неколку пати досега, ги повикува, наместо сензационализам, да се придржуваат кон новинарската етика и професионализам во известувањето, што впрочем е препорака и од Советот за етика на медиумите, изразена токму за конкретниот предмет.

Во прилог препораката на Советот за етика на медиумите:

Советот за етика во медиумите (СЕММ) изразува загриженост поради начинот на кој дел од медиумите известуваат за трагичната смрт на мајка и дете, што денеска се случи во Скопје.

Известувањето за самоубиства и лични трагедии од овој тип претставува една од најчувствителните области на новинарската етика и бара исклучителна професионална воздржаност. СЕММ ги повикува редакциите да не дозволат ваквите случаи да се третираат како сензационалистички содржини.

Тоа подразбира воздржување од објавување детали за начинот на кој е извршен трагичниот чин, од шпекулации за мотивите, семејните односи или наводи за насилство без официјална потврда, како и од објавување фотографии или видеа од телата, дури и во замаглена форма. Особено е важно да се избегнуваат драматични и експлицитни наслови со цел зголемување на читаноста.

Иако ваквите трагични случаи предизвикуваат силни емоции и зголемено внимание во јавноста, токму во такви ситуации одговорноста на медиумите е најголема.

Објавувањето експлицитни детали, драматични наслови и вознемирувачки визуелни содржини не претставува израз на сочувство, ниту пак на јавна загриженост, туку ризик од дополнително нарушување на достоинството на жртвите и нивните семејства. Сензационалниот пристап не смее да се претставува како емпатија.

Професионалната одговорност и вистинската новинарска чувствителност се покажуваат преку воздржаност, точност и почитување на приватноста, а не преку засилување на емоционалниот ефект.

Објавувањето непроверени информации и визуелни содржини што го нарушуваат достоинството на починатите претставува повреда на принципите на точност, одговорност и почитување на приватноста.

Во контекст на онлајн известувањето, Советот дополнително укажува:

• Да не се користат кликбејт наслови и сензационалистички формулации

• Да се избегнува споделување и реобјавување вознемирувачки содржини

• Да се модерираат коментарите за да се спречат говор на омраза и шпекулации

• Да не се откриваат лични податоци и идентитети

СЕММ потсетува дека почитувањето на Кодексот на новинарите е основа за зачувување на довербата во медиумите и заштита на јавниот интерес, велат од Кривичниот суд.

Back to top button
Close