Кривична пријава и притвор за 37-годишен скопјанец, подолг период се заканувал и барал пари од сопругата

Единицата за насилен криминал – Одделение за семејно насилство при СВР Скопје, во координација со Основно јавно обвинителсто Скопје, поднесе кривична пријава против 37-годишен жител на Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста” и „изнуда”, постапувајќи по претходна пријавата дека подолг период се заканувал на неговата сопруга.

Од судија на претходна постапка на лицето му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.

-На 26.09.2025 во 16:50 часот во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода пријавениот, постапувајќи по претходна пријава дека подолг период се заканувал на неговата 43-годишна сопруга и ѝ барал пари, се вели во соопштението од МВР.

Обвинителство, претходно информира дека Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека во последните 2 месеца вршело кривично дело „изнуда“ од член 258 став 1 од Кривичниот законик.

-Осомничениот телефонски и преку пораки на различни апликации упорно контактирал жена во странство, и упатувал сериозни закани по нејзиниот и по животот на нејзините мајка и брат, доколку не му исплати 15.000 евра. На оштетената и дал рок до 26.09 за исплата на парите, па се договориле да му испрати 500 евра по Вестерн унион, што таа го направила на 17 септември. За исплата на дополнителни 4.500 евра требало да дојде во земјава и да му ги предаде пред Клиниката за онкологија. Кога пристигнала во земјава на 25 септември оштетената веднаш го пријавила. Штом дошол на договореното место да ги земе парите, осомничениот 37-годишник бил приведен, се вели во соопштението од Обвинителство.

Имајќи ги предвид сите околности, опасноста од бегство, можноста да влијае врз сведоците и оштетените или да го повтори делото, јавниот обвинител предложил на осомничениот да му биде определена мерка притвор.

Back to top button
Close