Кривична пријава против две вработени во Управни работи во Куманово за несовесно работење во службата
Кумановската полиција поднесе кривични пријави против две вработени во Упрaвните работи во Куманово, бидејќи овозможиле државјанин на Косово да се стекне со лажен идентитет и македонска патна исправа, соопштија денеска од кумановската полиција.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против четириесет и три годишната М.А. од Куманово и четириесет и едногодишната М.И. од село Липково, општина Липково, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в од Кривичниот законик.
-М.А., вработена на работно место помлад референт за управни работи во Отсек за управни работи Куманово, на 30 август 2017 примила барање за издавање на патна исправа поднесено од Х.Ј.(50) од Косово, по што во системот, во задолжителниот дел за потполнување од приложена важечка лична карта или друг важечки јавен документ во графата ја внела само таксата, без ниту еден личен податок. Потоа, извршила фотографирање за издавање на патна исправа на лицето Х.Ј.(50) од Косово без приложен важечки личен документ за идентификација со внесување и искористување на податоци на идентитет од друго лице и на тој начин му овозможила да се стекне со лажен идентитет и патна исправа од РСМ. Додека пак, второпријавената М.И., вработена на работно место помлад советник за управни работи во Отсек за управни работи Куманово, пропуштила да изврши должен надзор и на тој начин извршила повреда на законските прописи за издавање на патна исправа. На 30.агуст 2017, таа го одобрила барањето за изготвување на патна исправа за лицето Х.Ј. со внесени податоци од идентитет на друго лице, соопшти СВР Куманово.