Кривична пријава против поранешен градоначалник на Неготино, осомничен за ,,местење” на тендер

Поранешнен градоначалник на Неготино, како и тројца вработени во општината, денеска добија кривична пријава за спорна јавна набавка, во вредност околу 350.000 евра.

-Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, предвидено и казниво по член 353 став 5 од Кривичниот законик до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против четири лица, и тоа: В.А.(59), З.Л.(41), Ѓ.Т.(37), тројцата од Неготино и И.З.(40) од неготинско село, информираа денеска од МВР.

Оттаму појаснуваат дека четворицата пријавени фаворизирале одредена компанија при спроведување на јавна набавка.

-Имено, лицата делото го сториле така што З.Л., вработен во Општина Неготино, во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, заедно со Ѓ.Т. и И.З. вработени во Општината, членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка, во текот на 2014 година со неизвршување на своите службени обврски постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки. Тие без да обезбедат согласност од Советот за јавни набавки, распишале оглас за набавки за работи – рационализација и унапредување на јавна водоснабдителна мрежа на подрачје на Општина Неготино.

Исто така, пријавените во огласот за набавки предвиделе критериуми и технологија која упатува на конкретно производство, наведувајќи критериуми кои дискриминираат и ја ограничуваат конкуренцијата и го објавиле без да бидат точно наведени кои позиции и што ќе се изведува.

На овој начин, тројцата спротивно на законот, спровеле постапка за јавна набавка и изготвиле Извештај во кој дале предлог за најповолна понуда да се одбере конкретна понуда од група понудувачи, велат од МВР.

Од министерството ги појаснуваат и улогите на пријавените при наводното сторување на кривичното дело.

-Првопријавениот В.А., во својство на тогашен градоначалник на Општина Неготино, кривичното дело го сторил со неизвршување на својата службена должност, иако бил должен да донесе посебна Одлука за изработка на основен Проект, врз основа на кој ќе се распише набавка за изведба, и иако имал обврска да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, тој со кршење на одредбите од Законот донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на Општина Неготино со група понудувачи на 29.08.2014 склучил Договор за проектирање и изведба на работи за рационализација и унапредување на јавниот водоснабдителен систем во Општина Неготино со вкупна вредност на договорот од 21.237.740 денари (или 345.330 евра).

Со ваквите инкриминирани дејствија и со непостапување согласно своите службени овластувања пријавените го сториле делото „злоупотреба на службена положба и овластување“ предвидено и казниво по член 353 став 5 од Кривичниот законик, со што овозможиле на правни лица да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 21.237.740 денари, велат од МВР.

Back to top button
Close