Kривична пријава за „поднесување лажни докази” и „злоупотреба на службена положба и овластување“

 

Единицата за финансиски криминал во Секторот за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал денеска поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје против Н.А. (28) од Ирбид-Јордан, осомничен дека сторил кривично дело „поднесување лажни докази” и „употреба на исправа со невистинита содржина“, Е.Ј. (50) од Скопје и И.Ј. (39) осомничени дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Првопријавениот Н.А., соопштија денеска од МВР, кривичното дело го сторил на начин што како државјанин на Јордан во текот на јуни 2019 година преку поднесување лажни податоци дека наводно е син на македонската државјанка В.Ш. од Скопје, се стекнал со македонско државјанство, македонски единствен матичен број на граѓанинот и извадил извод на родени, кој го употребил во постапка за добивање на македонска патна исправа.

– Истиот аплицирал за постапка за издавање патна исправа каде покрај останатите документи го приложил односно употребил и изводот за родени изваден од Управа за водење матични книги – Подрачно одделение Скопје, се наведува во соопштението.

Второпријавената Е.Ј., во текот на јуни 2019 година, во својство на службено лице самостоен референт-матичар во Министерство за правда-Управа за водење матични книги-Подрачно одделение Скопје, по приемот на барањето за определување на единствен матичен број на граѓанинот со податоци на првопријавениот Н.А., ја злоупотребила својата службена положба со неизвршување на својата службена должност и постапувајќи спротивно на чл.21 од Законот за матична евиденција.

Таа, се подвлекува во соопштението од МВР, без да изврши проверка на точноста на поднесените податоци содржани во документацијата и без да направи дополнителни проверки и да ја утврди точноста на податоците, проследила барање до Одделението за управни работи за определување на матичен број, со што го сторила кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и  овластување“ по чл.353 од КЗ.

Третопријавениот И.Ј. во својство на службено лице виш референт-матичар во Министерство за правда Управа за водење матични книги Подрачно одделение Скопје, пополнил и доставил барање за определување матичен број за првопријавениот Н.А. до Одделот за граѓански работи-Секторот за управно надзорни работи, без да ја провери точноста на поднесените податоците кое нешто како матичар бил должен да го стори согласно чл.21 од Законот за матична за евиденција. И.Ј. го завел првопријавениот во Матичната книга на родени, преку својата шифра одредена од информатичкиот систем во Управата за водење на матични книги, ги внел податоците  во електронскиот систем на Управата и на тој начин му овозможил да му биде изготвена и издадена македонска патна исправа, со што сторил  кривично  дело „Злоупотреба на службена положба и  овластување“ по чл.353 од КЗ.

Back to top button
Close