Кривична пријава за полицаец што натепал малолетник

Полициски службеник од Штип доби кривична пријава за дело малтретирање во вршење на служба. Тој удрил малолетно лице кое биле повикано во полициската станица во Штип, но според информациите на Министерството за внатрешни работи, овој полициски службеник не бил воопшто распределен во случајот со малолетникот.

„На 29 септември годинава околу 21 часот, во просториите на полициска станица Штип, пријавениот полициски службеник делото го сторил на начин што неповикан влегол во просторијата на полициската станица каде од друг полициски службеник било обезбедувано повикано малолетно лице и го удрил малолетникот кој се здобил со повреди“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Во полициската станица била повикана и итна медицинска помош која ги констатирала повредите на малолетникот и му пружила медицинска помош. Против полицискиот службеник поведена е и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.

Back to top button
Close