Кривична против македонски државјанин – за 3.000 евра заминал во Москва да се приклучи на руската војска
Кривичната пријава во Обвинителството ја поднесоа Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам во соработка со Агенцијата за национална безбедност.
„Пријавениот, откако претходно се запознал со пропаганден материјал со повик за служење во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации за потребите на Руската Федерација, преку интернет платформа за комуникација стапил во контакт со НН машко лице кое му се претставило дека бил задолжен од страна на Руската војска да регрутира војници за служба во руската војска за паричен надоместок од 3.000 евра. Искажувајќи подготвеност за приклучување на новоформиран одред во рамки на руската армија наменет за борба на воените фронтови во Украина, пријавениот на 5 октомври годинава од Меѓународен аеродром Скопје преку Белград заминал во Москва, Руската Федерација“, соопштува МВР.
Како што се наведува во соопштението од МВР, откако пристигнал во Москва бил сместeн заедно со уште три лица странски државјани и при тоа бил известен дека треба да го даде пасошот за да биде средена документацијата, а по извршен медицински преглед ќе потпишел договор за работа во Руската војска и ќе бил однесен во камп за обука каде ќе се обучувал за борба во Украина.
Во координација со Јавен обвинител од ОЈО ГОКК, од кривично пријавениот одземени се повеќе предмети и документација врз кои е извршено форензичко вештачење и анализа.
Врз основа на издадена наредба од Судија на претходна постапка, вчера е извршен претрес во домот и други простории на лицето Ј.К, кој е лишен од слобода и изнесен пред Судија на претходна постапка, од чија страна му е одредена мерка куќен притвор во траење од 30 дена.