Кривични пријави за злоупотреба на службена положба и перење пари во општина Петровец

 

Управата за финансиска полиција до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против пет физички и три правни лица за злоупотреба на службената положба, перење пари и злоупотреба на постапка за јавни набавки во општина Петровец.

Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски, на заедничката прес-конференција со директорот на Управата Арафат Муареми, посочи дека во мај годинава добил анонимна претставка за сомневање за злоупотреба на службената положба, перење пари и злоупотреба на постапка за јавни набавки од страна на одговорни лица во општина Петровец и во јуни годинава целата документација е препратена до Управата за финансиска полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата.

– На денешниот состанок директорот Муареми ме информираше дека Управата постапила по претставката и вчера поднела кривична пријава против пет лица за оштета на буџетот на општина Петровец од над половина милион евра, изјави Николовски.

Борбата против корупцијата, посочи Николовски, бара максимална вклученост и координираност на сите инситуции, но и максимална ангажираност на секој граѓанин.

– Сега се е јавно. Работите се променуваат, на располагање ни се ставени сите податоци, сите активности на било која институција, а транспарентноста и отвореноста е на највисоко ниво. Политичката волја е огромна, капацитетот кој треба да го јакнеме, но мора да се чувствува и обврската за борба против секаква корупција, каде и таа да се случува. Никој нема да биде поштеден, повикувам на храброст, одлучност и вклученост од секого. Повикувам да се користат сите нови механизми и алатки на алармирање, пријавување и детектирање, изјави Николовски.

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, информираше дека до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција поднеле кривични пријави против пет физички и три правни лица.

– Првопријавениот, одговорно лице во општина Петровец, градоначалник од 2009 година до денеска. Второпријавениот, во својство на вистински сопственик и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „Аце транс компани“ ДОО Скопје и правниот субјект „Леома транс“ ДОО Скопје. Третопријавенот во својство на инжинер на надзор, четвртопријавенот во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект „СМ-БА“ ДОО и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „Чолак топ“ ДОО Батиници и петопријавениот, во својство на управител на пријавениот правен субјект „Аце транс компани“ ДОО Скопје, појасни Муареми.

Против овие лица, посочи Муареми, постојат основи за сторени кривичи дела за „злоупотреба на службената положба и должност“, „поттикнување злоупотреба на службената положба“, „злоупотреба на постапка за јавно приватно партнерство“, „помагање“ и „перење пари и други приноси“.

– Првопријавениот во својство на одговорно лице во општина Петровец, во соработка со третопријавениот, во својство на лице ангажирано за надзор, поттикнати од второпријавениот во својство на вистински сопственик и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „Аце транс компани“ и правниот субјект „Леома транс“, кој воедно е и во роднинска врска, брат на првопријавениот, во периодот од 2012 до 2018 година, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што, првопријавениот во име на Општина Петровец извршил плаќање на 24 фиктивни фактури, во вкупен износ од над 31 милион денари, издадени од правниот субјект „Аце транс компани” и „Леома транс“ за наводно изградени градежни работи и утовар и истовар на градежен шут, по претходно склучени повеќе договори за јавни набавки. Иако, првопријавениот бил свесен и знаел дека наведените работи во предметните фактури не биле извршени, а третопријавениот во својство на надзор таквите фиктивни фактури ги заверил со свој потпис и печат, со што пријавените предизвикале штета на буџетот на општина Петровец во износ од 31,845 милиони денари, појасни Муареми.

Второпријавениот, појасни Муареми, иако бил свесен дека работите наведени во фактурите издадени кон општината не биле извршени, односно бил свесен дека се работи за фиктивни фактури, а со цел да го покрие потеклото на стекнатите парични средства, дел од наплатените парични средства во висина од 7,5 милиони денари ги искористил за купување на возила и градежна механизација во име и за потребите на пријавениот субјект, а дел во износ од 7,5 милиони денари врз основа на фиктивни факури издадени до правните субјекти „СМ-БА“ ДОО и „Чолак топ“ ДОО ги префрлил на нивни сметки, од каде четвртопријавеното физичко лице, веднаш и во целост ги подигнал во готово.

-Петопријавеното физичко лице, во својство на сопственик и управител на „Аце транс компани“, по претходни усни инструкции од третопријавениот, во својство на вистински сопственик на правниот субјект, поднел понуда во постапка за јавна набавка број 21/13 во прилог на која доставил и изјава за располагање со техничка опрема со невистинита содржина, а врз основа на таква лажна изјава „Аце транс компани“ се стекнал со право за учество во постапката за јавна набавка, бил избран за најповолен понудувач и склучил договор за јавна набавка со Општина Петровец во износ од над 33 милиони денари, без да располага со бараната механизација. На тој начин „Аце транс компани“ се стекнал со корист во вкупен износ од 32,673 милиони денари, изјави Муареми.

На опишаниот начин, нагласи Муареми, пријавените физички и правни лица во период од 2012 до 2018 година ги сториле кривичните дела кои им се ставаат на товар, при што се стекнале со противправна имиотна корист во вкупен износ од 31,845 милион денари, за кој износ е оштетен буџетот на Општина Илинден.

Back to top button
Close