Кривичниот суд го казни ВМРО-ДПМНЕ

 

ВМРО-ДПМНЕ е казнето со 3 илјади евра од страна на Кривичниот суд, поради одлуката на партискиот портпарол Димче Арсовски, кој ја претставуваше партијата на суд, да ја напушти судницата за случајот „Талир 1“, во чии рамки ДПМНЕ е обвинета за незаконско финансирање.

Арсовски одлучи да излезе, откако судијата го прекина во неговото излагање по реакциите дека држи политички наместо правнички говор. Тој побара еден од судиите поротници да биде изземен, оти наполнил 60 години и, според него, законски не може да биде поротник.

-Бараме почитување на Законот,а тоа е да да прекине функцијата на господинот Митко Сандев, поради навршени 60 години. За жал, се уште претседателот на судот Иван Џолев, за кој сметаме дека е главниот извршител на Зоран Заев во овој суд, нема поднесено иницијатива, иако Митко Сандев има навршено 60 години – рече Арсовски.

По прозивките од опозицијата, се огласија и од Основниот кривичен суд од каде велат дека, откако е констатирано дека Сандев наполнил 60 години, веднаш го известиле Судскиот совет и се додека поротникот евентуално не биде разрешен, ќе си ја извршува функцијата.

„Законот за судови е нејасен во смисла на изборот и разрешувањето на судиите-поротници. Збунувачки е што Законот истовремено предвидел дека за судија поротник со мандат од четири години може да биде избрано секое лице до навршување на 60 години, а истовремено предвидел и дека со навршувањето на 60 години поротникот треба да се разреши“, велат од Судот.

Досега, судскиот совет го нема разрешено поротникот, поради тоа што наполнил 60 години и не откриваат дали на некоја од следните седници ќе се разгледува ова прашање. Со евентауален престанок на функцијата на овој поротник, судењето за случајот „Талир 1“ би почнало од почеток, иако предметот веќе е во фаза на изведување на писмени докази на обвинителството.

Обвинението за незаконско финанисирање на ВМРО-ДПМНЕ го поднесе веќе згаснатото СЈО во ноември 2018 година а судењето започна во февруари 2019 година. Обвинети се бегалецот Никола Груевски и неговите тогашни блиски соработници, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски како и Илија Димовски и Леко Ристовски. Елизабета Чингаровска призна вина и доби условна казна.

Според обвинителството, тие преку наводни уплати – донации од членови на партијата, обезбедиле 4,6 милиони евра за ВМРО ДПМНЕ. Поради случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ замрзнат е имотот на ВМРО-ДПМНЕ.

Back to top button
Close