Кризен план: Со полна пареа ќе се произведува домашна струја

Во пресрет на зимата, која што се смета дека ќе биде една од потешките поради светската економска и енергетска криза, премиерот Димитар Ковачевски тврди дека Владата има јасен план како да се преброди овој тежок период. Тој уверува дека ќе се обезбеди парно навреме за жителите на главниот град, со полна пареа ќе работат домашните капацитети за обезбедување на електрична енергија, ќе се разговара со соседите и ќе се обезбедат средства преку кредитори за да се покријат трошоците за претстојниот период. Надлежните најавуваат нови мерки за помош на угостители и хотелиери, но не и за рудниците, казината и банките. „Граѓаните да бидат спокојни“, порачаа во вторникот премиерот и ресорните министри.

План за кризата

Владиниот план за кризата, според премиерот, подразбира ставање во функција на сите енергетски капацитети – оспособување на Блок 3 во РЕК Битола, ставање во функција на ТЕЦ Осломеј, а од утрово во функција е ставен првиот котел на ТЕЦ Неготино. Првиот котел на ТЕЦ Неготино веќе произведува електрична енергија со моќност од 60 мегавати, а до крајот на денот треба да се искачи до 85 мегавати, додека тимови на експерти, веќе работат на пуштање и на вториот котел.

Ковачевски вели дека се работи постојано и се разговара со сите земји за најсоодветно снабдување со енергија, меѓу кои Србија, Бугарија и Турција. „Со Србија имаме разговори кои веќе ги водиме. Се разговара и со Бугарија, но таму е малку посложена ситуацијата, бидејќи во моментов нема парламент, а нивното законодавство е прилично ограничено во однос на продавање вишоци на електрична енергија со директни договори и тоа мора да го прават преку берза. Со Турција, исто така, сметам дека сме на добар пат да обезбедиме пат за енергија“, изјави Ковачевски.

Средства ќе се обезбедуваат од кредитори, а во скоро време се очекува да завршат и преговорите со Меѓународниот монетарен фонд – ММФ. се разговара и со некои финансиски побогати држави од Блискиот Исток. Премиерот апелираше до пратениците од опозицијата, што побрзо да се одобри кредитот од ЕБОР за ликвидни финансиски средства за ЕСМ.

Скопјани ќе се греат на гас

Надлежните денеска беа децидни дека нема причина за загриженост – се преземаат финалните мерки за обезбедување на гас за затоплувањето на скопските радијатори.

„Граѓаните да бидат спокојни, топлинска енергија ќе има“, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој информираше дека е обезбеден и гас.

ЕСМ и „Адора“ влегуваат во преговори кои мора да се согласно сите законски прописи и процедури. „Се што е возможно ќе се направи. Ние велиме дека топлинска енергија за граѓаните секако ќе има и тие треба да бидат спокојни. Да, обезбеден е и гас. Кој е изворот е најмалку важно, важно е да има гас“, рече Битиќи и додаде: „Како што во јануари обезбедивме топлинска енергија кога бевме оставени на цедило, така и сега топлинска енергија за граѓаните на Скопје ќе има. Независно дали е ЕСМ или БЕГ, граѓаните ќе добијат топлинска енергија. Бидејќи од однесувањето на приватниот партнер не сум задоволен, би сакал тоа ЕСМ да го направи“.

Според премиерот, се разговара на повеќе нивоа и со повеќе држави за обезбедување гас за работа на ТЕ-ТО, со оглед на енормно високите цени на природниот гас, заради војната во Украина. „Денеска имам телефонски разговори од рано сабајле со премиери и претседатели на други држави, се со цел да можеме да најдеме најсоодветно снабдување со енергенси“, вели , Ковачевски, посочувајќи дека од својот прв работен ден како премиер, заедно со Владата и сега работат за непречено снабдување со топлинска енергија на Градот Скопје и тоа по цени кои се соодветни за граѓаните.

Мерки за помош

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека со владините мерки за енергетската криза се опфатени угостителите и хотелиерите, додека помош не е предвидена за рудниците, казината, банките и слични дејности. Тој вели дека Бектеши повтори дека ќе им се помогне и на најранливите категории граѓани, а ќе се донесат и соодветни мерки во делот на замрзнувањето на цените и на маржите.

„Поддршка од Владата ќе добиваат оние стопанственици кои покажуваат дека навистина штедат и оние кои навистина имаат потреба од поддршка. Не верувам дека имаат потреба од поддршка некои компании кои лани имале профит од над 30 милион евра, кои имаат минерални суровини и кои користат јавни добра од сите граѓани. Тие податоци ги имаме и мерките се прават“, истакна министерот

Back to top button
Close