Крстевски поднесе кривични против угостители од Кочани кои работат нерегуларно

Три месеци после огромната трагедија која се случи во угостителски објект кој работел нерегуларно и бил толериран од повеќе институции, во Кочани сеуште има угостителски објекти кои работат нерегуларно и се толерирани од повеќе институции, рече градоначалникот на општина Кочани, Венко Крстевски.
Најави поднесување кривична пријава до Основното јавно обвинителство за узурпација на јавна површина и бесправна градба.
-Ги прашувам надлежните институции, како што е Државниот пазарен инспекторат, дали се прават контроли и зошто се толерира работењето во дивоградби, како Агенцијата за храна и ветеринарство издала ХАСАП дозвола за објекти што подготвуваат храна ако кујните им се дивоградби и имаат броила за струја што се во непосредна близина на фритезите? Како е можно во тие објекти да има легален приклучок на електричната мрежа и да се прават елаборати што не се соодветни со реалната состојба, слично како во „Пулс“, додаде Крстевски.
Ги повика сите институции да си ја завршат нивната задача, бидејки превенција секогаш дава подобри резултати од било која казна.