Крстопат

Почитувани читатели, во денешнава колумна посветена на Еуростандард банка, ќе ги споделам со вас мои размисли кои многу ме мачат. Решенијата кои би ги донел би можеле да бидат многу кобни за мене и за моите најблиски во семејството.

Легнувам и станувам со прашалници, зошто ова мене ми се случи во мојата сакана и единствена Македонија? Македонија и граѓаните во неа ги сакам не само со зборови туку и со дела.

Познат сум во јавноста како хуман и чесен човек. Перцепцијата кој како ме доживува е лична, но бидете убедени, никогаш во животот немам посегнато по нешто што не ми припаѓа.

Со носењето на Еуростандард банка во стечај изгубив два пати поголем капитал од капиталот на банката.

Со сите мои напори да ја докажам правдата изминатите 4 години и покрај непобитни факти кои секоја недела ги обзнанувам во моите колумни, институциите на системот ОЈО и Основниот кривичен суд молачат. Речиси 4 години имам замрзнат имот кој не смеам ниту да го стопанисувам ниту оттуѓам. Гневот кај мене расте. Изминативе неколку дена на сите мои жалби, до Основниот кривичен суд во Скопје, се одговара со негативно решение по сите основи како за истражаната постапка околу стечајот на Еуростандард банка, така и за имотот. Објаснувањата се смешни, би рекол идиотски.

Денес обзнанив во јавноста дека не го признавам Основниот кривичен суд во Скопје. Со оваа институција прекинувам да соработувам и ќе ги отповикам моите адвокати. Отповикувањето на моите адвокати за стечајот на Еуростандард банка, се однесуваат само за мене.

Се понудив да ме затворат или еутанизираат на еден хуман начин. Вака ме растргнуваат на дневна основа нанесувајќи ми болки.

Еврејската мудрост вели: „Купувам куќа од наследници, а не од тој што ја изградил”. Јас велам дека токму тука е мојот гнев посилен и од останатите членови на моето семејство.

Знам низ што поминав во животот за да стасам до мојот успех. Не можам да го разберам поривот на поединци и групи на кои што мојот успех им пречи.

Останувам силен. Го молам Господ да ми даде здравје и да ми го чува разумот. Надежта последна умира. Верувам и сакам да верувам дека после претстојните парламентарни избори нештата во Македонија ќе се променат. Сакам да верувам дека ќе дојдат политичари кои грижливо ќе го водат својот народ и својата држава, каде правото и правдата ќе бидат еднакви за сите.

Повторувам, Основниот кривичен суд Скопје НЕ ГО ПРИЗНАВАМ.

 

Трифун Костовски

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close