Крв, нафта и вода на Блискиот Исток

Денко Малески

Оставете ги за момент сите геополитички и геостратешки анализи и помислете: како би одговориле вие на повикот за прекин на непријателствата на некој кој претходно, среде преговори, и во напад со моќна бомба, ви го убил таткото, мајката, жената и детето. Зборувам, се разбира, за новиот ирански ајатолах Моџтаба Хамнеи, кој и самиот е во болница по нападот. Ете тоа е соговорникот на американскиот претседател кој посака самиот да го избере како во Венецуела. Крајно непромислено, Трамп се „преигра“, што би рекле по скопски.

Верувајќи дека е тотален господар на војната која може да ја почне и да ја прекине кога ќе посака, американскиот претседател е сега фатен во стапица: немоќен е да ја прекине војната и да го спречи натамошниот развој на настани неповолни за Америка. Ако те измамат еднаш, срам да им е, ама ако те измамат два пати, срам да ти е. Иран е измамен два пат – војна среде преговори за мир. Непосредно пред вториот напад, министерот за надворешни работи на Оман изјави дека Иран се согласил на се што побара Америка: од нула збогатување на ураниум, преку ограничување на ракетните системи, до прекин на поддршка за Хамас и Хезболах. Сега Иран се определи за руската тактика: нема мир додека не се испреговараат условите во чие формулирање и тие имаат збор. За почеток, бараат ново повоено статус кво, гаранции дека нема да бидат повторно нападнати и дека ќе им бидат платени репарации за претрпените штети.

Во паника, Трамп, пред неколку дена му се јави телефонски на Путин за тој да повлијае врз настаните, во разговор за кој Москва одби да даде било какви детали, а нашите медиуми не го ни регистрираа, ниту политичарите го коментираа. Нашите политичари,имено, мислат дека се безбедни само кога прават „копи-пејст“ на соопштенијата на Трамп па кога тој изјави дека Америка оди во војна, веднаш фатија американска страна, а кога го прогласи нејзиниот крај, веднаш скокнаа да ја соопштат радосната (погрешна) вест. Зашто, војната не завршува така бргу овој пат. Можни се, се разбира, секакви сценарија, па и некаков договор меѓу Москва, Вашингтон и Пекинг, за „затворање“ на две војни – во Украина и во Иран. Камо тоа да се случи и Трамп да ја добие толку посакуваната Нобелова награда за мир, на крајот на баладата.

Но, за жал, мали се изгледите за брз мирен исход. Покрај Иран кој се определи за „војна на исцрпување“(war of attrition ) и Израел сака продолжување на војната зашто само преку неа е можна реализација на планот за Голем Израел. Раководена од фанатизирани политичари кои положуваат право на територии населени со Арапи врз основа на записи стари 3000 години и кои ја имаат поддршката на повеќе од 80 проценти на населението, израелската држава го живее сонот на Нетанијаху. Имено, после четириесет години,вели израелскиот премиер, му се остварил сонот на своја страна да ја имам Америка во војна која ќе го уништи Иран, моќниот ривал во регионот. Поддршка за војна со Иран не доби од ниту еден досегашен претседател, но сега кога ја има од Трамп, ќе го заглави и со американски трупи во Иран, ако треба, оти шансата е навистина уникатна. Моќното еврејско лоби во Вашингтон,пак, „ќе преврти и небо и земја“ за да се оствари идејата за Голем Израел од кој ќе бидат протерани Палестинците од Западниот брег и од Газа и ќе се земат територии од соседните арапски земји: Сирија, Либан,Египет. Имено, кога знаеме дека централниот проблем на Израел и срцевината на сите кризи е палестинското прашање, војната е единственото решение за суицидалниот Нетанијаху и оние околу него. Разумното решение за две држави, Израел и Палестина, една покрај друга, поддржано од огромното мнозинство на членки на ОН, дамна не е веќе на преговарачката маса а и реалностите на теренот се променети со нови еврејски доселеници на палестински територии. Уверени во својата моќ како нуклеарна сила, израелските ултранационалисти и верски фанатици, само во војната гледаат решение. Уште не ја научиле лекцијата дека и силата има неакви граници.

Во меѓувреме, војната ескалира уште од првиот ден..На самиот почеток, Иран се искачи високо на скалата на ескалација и возврати на израелско-американската агресија со уништување на петте американски воени бази во земјите на Заливот. Уништени се, како рабираме, радарските системи вредни барем по една милијарда долари секој. Иако Израел е осомничениот, не се знае чија ракета, деновиве, удри по нафтените инсталации на Иран и по една постројка за десалинизација од која се добива вода за пиење, ама ако е тоа патоказ за иранскиот одговор, тешко злаивските држави. Не само што ќе останат без нафта туку ќе останат и без вода. Имено, меѓу шеесет и деведесет посто од водата за пиење во богатите со нафта земји на Заливот се добиваат со преработка на морска вода. Милионскиот Ријад, на пример, зависи деведесет посто од постројките за десалинизација Тие инсталации, тие фабрики за вода, на пустинскиот пејсаж се лесни дебели светликави цели за иранските дронови и ракети. Тргне ли Иран во тотална војна ќе нема ниту нафта ниту вода, па може да се очекува долги колони на народи да тргнат во потрага по вода во други земји. Уништените капацитети за екстракција и преработка на нафта, пак, ќе го обесмислат прашањето кој го контролира теснец во Ормуз: и онака нема да има нафта за транспортирање. Последиците по светската, но и американската економија во кој се слеваат петро-доларите од Блискиот Исток, пак, веќе се гледаат со скокот на цените на нафтата.

Големите сили се на потег. По телефонскиот разговор со Путин, на крајот на месецот американскиот претседател Донал Трамп му оди во официјална посета на Си Џинпин, во Кина, која покрива 70 проценти од потребите за нафта од Блискиот Исток. Знаејќи кој ја почна војната, логиката би била дека Кина и Америка се непријателски расположени една кон другата. Не баш: големите имаат и поинакви лични сметки, но и одговорности за светскиот мир. Немојте да се изненадите ако на крајот на посетата на Пекинг, вели еден кинески аналитичар, двете големи нуклеарни сили склучат договор за увоз на американска нафта во Кина.

 

 

.

 

Back to top button
Close