Крвав инцидент во Виена: Убиен маж во ресторан, друг тешко повреден – напаѓачите во бегство
Во четвртокот навечер, во еден ресторан во виенската населба Отакринг, се случил вооружен напад во кој едно лице било убиено, а друго тешко рането и се бори за живот. Напаѓачот и неговиот помагач побегнале од местото на настанот, а полицијата започна голема потрага, објави австрискиот весник „Кронен Цајтунг“ (Kronen Zeitung).

Според првичните информации, инцидентот се случил околу 21:45 часот во турски ресторан на улицата Пајергасе. Сè започнало со расправија меѓу неколку лица, по што еден од нив извадил огнено оружје и испукал неколку куршуми кон двајца мажи.
Жртвите на нападот се двајца мажи со чеченско потекло. Едниот починал на самото место, наводно од прострелна рана во стомакот, додека другиот со повреди опасни по живот бил итно пренесен во болница.
Мотивот за нападот засега не е познат. Некои сведоци изјавиле дека сторителот можеби е лице со српско потекло, но според истражителите, најверојатно се работи за австриски државјанин со мигрантско потекло. Истрагата ја презеде виенската криминалистичка полиција.
Непосредно по пукањето, полицијата блокирала поширока зона околу местото на злосторството и спровела масовна потрага низ неколку окрузи. Акцијата траела до доцна во ноќта.
Овој трагичен настан се случува само еден ден по друг насилен инцидент во истата населба, кога 54-годишен сопственик на локал бил нападнат и повреден пред својата продавница од група млади лица.






