Кржаловски: Контроверзна и непродуктивна одлука на Џафери 

Чудна, веројатно контроверзна и во секој случај непродуктивна – вака, аналитичарот и прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски, го оценува одговорот/одлуката на претседателот на Собранието, Талат Џафери,за отфрлање на иницијативата за референдум што ја поднесе ВМРО ДПМНЕ.

„Иако е претседател на Собранието, тој е само еден од пратениците и за вакво прашање претпоставувам дека треба собраниска одлука, но сигурно не е надлежен да толкува уставност на што било, вклучувајќи ја и оваа иницијатива. Затоа белким го имаме Уставниот суд, каде што веројатно ќе заврши оваа работа, доколку се опстои на оваа одлука“, вели Кржаловски.

Со овој потег, кој нему му наликува самоволие, вели дека уште еднаш се покажало зошто е толку девалвирано Собранието, кое сѐ повеќе личи на обложувалница, а со ова – и на ранч од Дивиот Запад.

„Контроверзноста ја гледам во повикувањето на членови од Уставот за одбивање на иницијативата. Имено, одлуката се повикува на член 8 (темелните вредности) за почитување на меѓународното право. Патем, таму се зборува за општо прифатените норми, а не поединечни билатерални договори, а се прескокнува, на пример, дека истиот тој Договор и особено последиците од него кои нѐ доведоа до т.н. француски предлог, прекршува барем половина од тие темелни вредности наведени во истиот тој член 8 од Уставот (пр. основните човекови слободи и права, слободното изразување на националната припадност, владеењето на правото, и.т.н.)“, укажува тој.

Но, дури и сето ова да се тргне настрана, според Кржаловски, нејасно е кому му е потребна ваква одлука и зошто е донесена.

„Ќе се спречи референдум? Па, веројатно уште утре ВМРО ДПМНЕ ќе поднесе нова иницијатива со малку модифицирано прашање и ќе го прави тоа сѐ додека не се донесе собраниска одлука за референдум. А паралелно ќе тера постапка и во Уставниот суд за оваа одлука на Џафери. Како со ваков однос кон опозицијата и нивната иницијатива, парламентарното мнозинство и лично Џафери очекуваат кој било пратеник од ВМРО ДПМНЕ да гласа за уставните измени? Ако некој и се надеваше дека по примерот на Преспа, ‘вака или така’ ќе се ‘убедат’ 6 пратеници од ВМРО ДПМНЕ да гласаат за тоа, со ова и слични вакви однесувања на позицијата, веројатно сите такви надежи се ‘закопаа’. Затоа велам дека оваа одлука е непродуктивна. И како што веќе сме навикнати, наместо ‘народните избраници’ да го работат тоа за што се гласани таму – да ги решаваат проблемите на граѓаните, продолжува тенденцијата на создавање проблеми, често и сосема непотребно. Затоа и не нѐ изненадува што сѐ повеќе заглавуваме и тонеме како држава, а во тоа предничат најважните институции и политичките партии, чија доверба кај граѓаните полека но сигурно тоне кон едноцифрени вредности“, оценува Кржаловски.

Ќе се зголемат поделбите

Уставни експерти со кои разговараше ДВ велат – нема да се изјаснат за аргументите на кои се повика Џафери, пред темелно да го анализираат неговото образложение.

„Во членот 118 од Уставот на Република Северна Македонија е утврдено дека Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон“, напиша Џафери во одговорот до Христијан Мицкоски.

„ВМРО ДПМНЕ има референдумско прашање сo кое не ја менува содржината на Договорот, туку го спори законот со кој тој се прогласува за важечки“, реплицираат од партијата.

Го обвинуваат Џафери дека во минатото имал многу улоги, а сега противправно си ја додал и улогата на уставен судија.

„Tолкувањето на Уставот е работа единствено на Уставниот суд. Наместо чувар на Уставот, тој стана шамион во кршење на Уставот. Нема друг случај во светот каде претседател на Собрание толкува Устав (…) Oва само дополнително ќе ги заостри односите во Собранието и ќе ги зголеми поделбите, а за тоа eдинствено одговорна ќе биде власта“, реагираат од ВМРО ДПМНЕ.

А процедурата?

Во однос на иницијативата за референдум, Џафери пред десетина дена во интервју за РСЕ изјави дека „има Деловник, има деловничка процедура, така што и тој како Претседател на Собранието, и пратениците, и кој било, не може да ја одбегне процедурата“. Сега добива забелешки – дека ја одбегнал!

Димитар Апасиев, лидерот на партијата Левица која даде поддршка на иницијативата на ВМРО ДПМНЕ, посочи дека претседателот на Собранието не може сам, без претходно мислење од две собраниски комисии, да одлучи за уредноста на иницијативата. И не само тоа.

„Спикерот, доколку смета дека иницијативата е неуредна, прашањето го префрла на пленумот на на Собранието, поради тоа што само тоа има уставна и материјална надлежност да цени дали истата ќе продолжи или ќе запре“, напиша Апасиев на Фејсбук.

Тој смета дека со акт на самоволие, кога спикерот се става во положба на уставен судија, сторил кривично дело „Спречување на избори и гласање“ казниво по член 158 став 1 од Кривичниот законик, со запретена затворска казна од минимум три години, за што правниот тим на Левица ќе процесира соодветна пријава во ОЈО. Притоа тој не ја исклучи и можноста Џафери да биде „бомбардиран и со сто други иницијативи“.

Back to top button
Close