Кржаловски за културните клубови: Стравот лежи во позадинските намери

Сега изгледа дека Бугарија сака да направи поплава на такви случаи, па тие да тужат во Стразбур и да направи баланс со тоа што не постапуваат (за пресудите од Стразбур против Бугарија), рече директорот на МЦМС во гостувањето во „360 степени“

Имињата, а не самите културни клубови од двете страни на границата со Бугарија се проблем. Ваков е ставот на универзитеткиот професор и поранешен вицепремиер Васко Наумовски и на директорот на Македонскиот центар за Меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски. Политикологот Иво Ранѓеловиќ, пак, вели дека клубовите немаат никаква додадена вредност за двете општества.

Наумовски, во вечерашната дебата во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, рече дека можеби треба да се бараат посоодветни имиња.

„Мислам дека не се проблематизира отворањето на самите културни клубови или центри, се проблематизираат имињата. Доколку се работи за културни клубови, соодветно би било да се именуваат со имиња од културата, а не личности за кои може да има забелешки од двете страни“, вели Наумовски.

Сличен став има и Кржаловски. Според него, би било подобро да се најдат имиња што ги поврзуваат македонскиот и бугарскиот народ.

„Пример, Македонците и Албанците ги спојуваат две имиња – Мајка Тереза и Борис Трајковски. Тие две личности се идентификуваа како заеднички. Иако се спомнуваа на едната страна Александар Македонски, на другата Скендер Бег, тие две беа консензус. Зошто не се направат со име кое ги поврзува“, вели Кржаловски. За него, стравот лежи во позадинските намери.

„Тие си постоеле, никој не ги забележал. Но, сега кога се дава поддршка, директна или индиректна од бугарската влада, станаа проблем. Второ, тоа што за мене е најголем проблем, токму за тие случаи во Стразбур Бугарија изгуби 13 или 16 случаи и се уште не постапува. Ние имавме таков случај со Радко, го изгубивме, постапивме и остана регистрацијата. И ден денес постои, но ништо страшно не се случи по 15-16 години од таа драма. Ние ги почитуваме судските одлуки. Сега изгледа дека Бугарија сака да направи поплава на такви случаи, па тие да тужат во Стразбур и да направи баланс со тоа што не постапуваат. За мене, тоа е проблемот и треба да се направи Бугарија да ги признае клубовите“, рече Кржаловски.

Политикологот Ранѓеловиќ во „360 степени“ оцени дека ваквите клубови немаат никаква додадена вредност за двете опшество и смета дека не треба да им се дава толку голем медиумски простор. Според Ранѓеловиќ, тие можат само да ги раскараат двата народи и да ги обноват старите рани.

„Мислам дека министерот за надворешни работи Бујар Османи кажа дека тоа нема никаква вредност за двете општества. Во тој случај, не е лошо и официјално да ги осудите доколку е така што Владата досега не го направила. Како еден реципроцитет не гледам ништо страшно, доколку се може тука, зошто да не се може и таму? Не мислам дека на премиерите на двете земји местото им е во овие клубови. Но, не гледам и причина зошто да осудуваме зошто Мицкоски отишол таму, ако неговото убедување и таа партија смета дека треба да оди. Не гледам ништо лошо во тоа“, рече Ранѓеловиќ.

Back to top button
Close