Куќен притвор за луѓето што организираа борба на кучиња во битолско село

Основното јавно обвинителство Битола ги гони организаторите на борби со кучиња во битолското село Црнеец, настан што ја згрози јавноста.

Ова следува откако СВР Битола објави дека девет мажи се лишени од слобода заради организирање на негелани борби со кучиња во двор од семејна куќа во Црнеец. Меѓу организаторите се четири лица од Косово, исто толку од Битола, и еден штопјанец. Но ОЈО битола наведува дека во организацијата учествувал и Грк.

ОЈО Битола поведе постапка против две лица за кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Осомничените се 44-годишен посредник во организација на борби со кучиња и 43-годишник кој во дворот на семејна куќа во Црнеец подготвил заграден ринг каде се организирале борбите.

„Со постапката за истото кривично дело се опфатени и еден грчки и еден косовски државјанин кои во моментот се во бегство. Сите заедно, на 1 ноември во вечерните часови, заради користољубие, грубо злоупотребувале и изложиле на непотребни маки куче од расата пит бул, сопственост на осомничениот грчки државјанин, наведувајќи го да се бори со куче од расата американски стафорд, сопственост на осомничениот косовски државјанин“, стои во соопштението на ОЈО Битола.

Во борбата кучето од расата пит бул се здобило со повреди – угризи од другото животно. Борбата ја следеле други лица од Косово, Грција и од Македонија, кај кои полициските службеници пронашле парични средства во различни апоени на евра и денари, а двајцата сопственици на кучињата во рингот веднаш по пристигнувањето на полицијата избегале од местото на настанот. Тие се идентификувани и по нив се трага.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за македонските државјани инволвирани во организација на забранетите борби. Сепак, Судот донесе решение со кое им определи мерка куќен притвор. Битолското обвинителство ќе вложи жалба на одлуката“, наведува ОЈО Битола.

Back to top button
Close