Кукавици, ќе ви го запомниме ова!

Денко Малески

„Кукавици, ќе ви го запомниме ова“.Со овие зборови американскиот претседател Доналд Трамп им се обрати на НАТО-сојузниците во Европа кои одбија му се придружат во војната против Иран. Со заеднички став без преседан во понови времиња, европските политичари му порачаа на Трамо дека ќе помогнат само со дипломатија и преку преговори со Иран, но не и со војна.

Да постапеа така на самитот на НАТО во Букурешт во 2008, кога германската канцеларка Меркел изјави дека американскиот план Алијансата да се прошири со Украина е рамен на објава на војна на Русија, војната во Украина ќе беше избегната. Но, таа грешка, за која храбрите Украинци платија со некаде околу 1,5 милион жртви и уништена татковина, е веќе тажен и непроменлив факт. Ова со Иран е друга војна и друга катастрофална грешка на некогашниот лидер на слободниот свет, чии последици допрва ќе ги почувствуваме. Наспроти изборните ветувања, Доналд Трамп ја вовлече Америка во уште една вооружена авантура со ужасни последици по сите инволвирани и по светската економија во целина. Што стана со „миротворецот“ Трамп, кој му вети на американскиот народ дека ќе ја „затвори“ војната во Украина за 24 часа, дека во неговиот мандат нема да има воени интервенции и дека, преку грижата за работникот, повторно ќе ја направи Америка голема?

 

Поверував дека, кога се работи за војната во Украина и за светскиот мир, Трамп е на добар пат. Доволно беше неговата администрација да го употреби изразот „мултиполарен свет“ за да помислам дека Трамп разбрал дека во политички интерес на Америка е да се прилагоди на новата мултиполарна дистрибуција на моќта во светската политика помеѓу неколку големи сили. Дека е во интерес на Америка да отвори дипломатски дијалог со Русија и Кина и на тој начин да ја оптимизира безбедноста на својата земја и на светот. Наместо тоа, сведоци сме на еден пресврт во политиката на Америка која, со непредвидливиот Трамп на чело, како да се обидува да ја поврати американската хегемонија. Во услови на реална мултиполарна дистрибуција на моќта, изразена во број на интерконтинентални нуклеарни балистички ракети или еокономски показатели, политика на повраток на американската хегемонија е опасна како за Америка така и за светот. Згора на тоа, ваквата политичка определба ќе значи Америка да влезе во исцрпувачки војни насекаде во светот. Ако, пак, не ја прифати реалноста на новиот мултиполарен свет и се обиде да ја обнови американската доминација, Трамп ќе ги обедини другите центри на моќ како што се Москва и Пекинг против себе, што може да стане нов извор на бројни прокси-војни меѓу големите сили. Во секој случај, со војната против Иран која уште првиот ден стана регионална, глобална криза е веќе во создавање и таа ќе не погоди сите, ако не поинаку тогаш преку цените на нафтата и на храната.

Новото статус кво, новата светска реалност, наложува Америка да се соочи со едно болно сознание: дека е само една од повеќе големи сили. Секако најсилната, во моментот, но не и единствената. Помислив дека новата безбедносна стратегија кој излезе неодамна, ја има апсолвирано ова лекција и дека свесна за мултиполарната реалност, американската моќ доброволно ќе се повлече од Европа и од Блискиот Исток и ќе се средоточи на Северна и Јужна Америка, а потоа ќе ја поместува својата моќ кон Азија за да ја балансира моќта на главниот ривал Кина. Така е запишано во книгите на реалистичката школа на меѓународната политика. Но, се чини, и реалистите знаат да бидат идеалисти кога мислат дека некој доброволно ќе се откаже од светска доминација само затоа што така пишува во книгите и дека нема да пружа отпор на новата реалност. Се ми се чини дека Америка, раководена од вечното начело на политиката – да се контролира се што може да се контролира, нема така лесно да се откаже од контролата на светот и неговите ресурси.

Единствената светла точка во овој хаос на светската сцена деновиве, е што Европа конечно се охрабри да му се спротистави на Трамп: Не се вклучуваме во оваа војна, бараме со дипломатија да се реши кризата. Единствениот спас на Трамп, пак, да се спаси од уште една катастрофална војна, налик на виетнамската, е да прогласи победа и да ја откаже најавената инвазија на Иран.

 

 

 

 

 

Back to top button
Close