Културата и изборите

Ако нешто научивме во изминативе децении за предизборниот период, кој и да е’, тоа е фактот дека вистината навистина е првата жртва. Таа е прва на списокот на жртвите не само заради фактот што ниту едни избори, не само кај нас, не можат да се добијат со говорење само и единствено вистина, туку можеби и заради тоа што таа, вистината, се чини неинтересна/здодевна не само за политичарите туку и за гласачите. И впрочем, кој „паѓа“ на вистината, кој би се воодушевил и би гласал за вас ако кажете дека не сте успеале – во целост или во одделни сегменти – да ја исполните ветената изборна програма, дека сте наишле на вакви или онакви непремостливи пречки, дека можеби некој од вашите партиски кадри се покажале неспособни ама тоа сега ќе го поправите… ? Никој? Не сум сигурен. Мислам дека во македонската политика вистината е потценета односно лагата е преценета, што пак во основа значи и тотално потценување на интелигенцијата на гласачите. Ама сепак, политичарите мислат дека со лага полесно се добиваат избори?!

Ако говориме за културата, лагата и вистината се некако на истата или слична стартна позиција. И да, знам дека со ова ги побивам претходните реченици, ама само делумно. Зашто, колкумина во државава паметат, или воопшто ги интересира, што и како за културата зацртала некоја партија во изборната програма од претходните избори, што и како од тоа реализирала и слично? Илјада граѓани, две илјади… ? Не сум сигурен ни за толку. Културата, впрочем, не е инфраструктура што се мери во километри патна мрежа, не е повисока просечна или минимална плата, подобро образование и здравство… Иако, всушност, е сето тоа заедно, ама ние културата никогаш не ја гледаме така логично и така широко! Луѓето паметат дали сте им изградиле пат до местото на живеење, а сте ветиле, ама не ги интересира дали ветената реконструкција на библиотеката во градот е направена, дали имаат пристојно кино, дали партијата на власт им овозможила да видат (барем) една гостувачка театарска претстава во годината во нивното место итн. Културата, велат кај нас, ни се јаде ни се пие. Можеби имаат право?! Немаат, се разбира.

Дали пак, затоа, во предизборието толку се лаже за културата, дали (у)мислата дека тоа никој не го ни слуша им влева некоја чудна самодоверба на кандидатите па си пуштаат на волјата да говорат се’ и сешто, да ветуваат „брда и долини“ а потоа да не исполнат ништо? Не знам, ама ни тоа не е далеку од вистината.

Македонсково предизборие започна со тешка „бомбашка“ политичко-криминална артилерија, иако ни културата не е заборавена, особено не – културното наследство како актуелна тема, а во тој контекст неизбежниот Охрид. Меѓутоа, одамна не сме сведочеле на таква дрска манипулација, на такво отворено лицемерие и извртување на вистината, на ветувања без основа… како она на опозициската „најпатриотска“ партија и нејзиниот „културен“ адут Игор Дурловски. Ќе имавме разбирање, можеби, ако човекот говореше за неговата професија – иако и тоа со голема резерва зашто, ако не се лажам, токму тој еден период ја водеше Македонската опера и балет па видовме на што рамниште ја донесе! – ама кога еден таков криминален лик ќе почне да ве убедува дека дури и „Задржувањето на статусот на светско наследство (на Охрид, м.з.) на листата на УНЕСКО мора да биде наш приоритет“ (https://plusinfo.mk/durlovski-kulturnoto-nasledstvo-na-ohrid-vo-unesko-prioritet-na-vmro-dpmne/), тогаш ѓаволот веќе ја однел шегата во некои црни дримовски мочуришта, па на таквите циркузанти мора да им се покаже местото и вистината. Зашто, ако некој е најодговорен за Охрид и сегашните состојби во него во изминатиот период тоа е токму раководството на „најпатриотската“ македонска партија! И сега тие ќе се поправаат себеси, ќе го прават Охрид нивен приоритет – на што, на узурпацијата, на криминалот, повторно? – а нивна цел „(…) ќе биде доследна имплементација на препораките на реактивните мисии на УНЕСКО“? Мислам, извинете, после се’ што таа партија, а дотичниов и во тоа време беше нивен член, направи во Охрид, после сиот хаос и злосторства во тој град, тие сега ќе го спасуваат? После години и години буквално играње мижитатара со УНЕСКО и нивните реактивни мисии, после години и години најбезочна контрола на информациите токму за барањата на УНЕСКО од тогашната криминална македонска влада, овој и новиот му газда – инаку калфа на вистинскиот будимпештански капо – ќе дојаваат на бели коњи и ќе го спасат македонскиот Ерусалим? Мислам, колку глуп треба човек да биде за да го ветува тоа, а впрочем и колку уште поглуп треба да биде македонскиот гласач да се фати на таа предизборна јадица?

Се разбира, повторно, знам дека предизборните кампањи трпат се’, па и вакви идиотштини. Ама, извинете, ова е директна навреда на интелигенцијата и меморијата на македонското гласачко тело, да не говорам за македонската култура и заштитата на културното наследство. А човеков очогледно не се контролира па продолжува дека тие, баш тие, сосе него, ќе ја подигнеле „(…) нашата стручност и професионалност и нема да дозволиме импровизации во примената на највисоките стручни стандарди во заштита на нашите културно наследство“. Ама пак останува да виси прашањето: зошто тоа не го сторија пред десет, дванаесет години, зошто тогаш не консултираа стручњаци, зошто го игнорираа УНЕСКО туку играа криминално оро со нивните провинциски „заштитари“, со МПЦ, со секоја бараба која беше спремна на некаков дил со нив? Што е новото што го нудат денес? Се промениле? Како, во која насока? И кој впрочем е тој воопшто да говориш за Охрид, за културата, за заштитата на културното наследство…? И како тоа баш тој цврсто ќе се заложи, како тоа „вредно и посветено“ ќе работи и ќе придонесе во решавањето на судбината на Охрид кога, прво, е тотално нестручен за тоа, и второ, имаа цела деценија да го направат тоа ама направија хаос?! Зошто во времето на нивната стравовлада не го направија тоа што ни го нудат сега? Или имаа попаметна работа? На пример дотичниот да ја направи сопругата – национален уметник, на 37 години? Впрочем, дали во посветеното идно работење е вклучено и парапетчено на криминалецон од Будимпешта како врвен дострел во нивното поимање на заштита на културното наследство во Охрид? Или онаа писта среде езеро, па сегментот викан охридски Лас Вегас… ? А?

Златко Теодосиевски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close