Културата после изборите

Се разбира дека знам дека изборите тукушто завршија, дека ни приговорите не се решени, уште помалку се започнати преговорите за составување влада, дека не се знае ни која партија ќе има шанса истата да ја промислува… такашто за некакви сегашни „нови реалности“ и (јавни) расправи за културата после изборите е – прерано. Иако не е, и секој посериозен политичар од европска провениенција би ви кажал дека сега е веќе доцна зашто кај нив, во таа Европа нештата се познати многу пред изборите, а после само се ефектуираат. Ние, во нашата ненормална реалност, работиме обратно. Прво пишуваме предизборни програми и во нив лупаме „ко Максим по дивизији“, никој не знае ни кој ги составувал тие програми, уште помалку која е личноста во министерско костумче која би застанала зад таа некаква предизборна програма, што би се случувало ако после изборите тој ресор го добие коалициски партнер итн.

Особено сега, при вакви изборни резултати, кој да мисли баш на културата, нели? Таа по правило е последното дупче на свирчето коешто се договара на крај, за да се утврди или зацврсти пазарот, се нуди како послеизборен десерт (зашто и во културата има доста пари!) и слични „финеси“. Речиси се’ упатува на толку пати репризираниот филм за културата што реалните нешта веќе стануваат тажни. Зашто, да се потсетиме: иако двете најголеми македонски партии беа посветиле доволно внимание во изборните програми (па дури и на не толку суштински различен начин!), културата остана вон фокусот на овие избори, не беше ни спомната во кампањата а камоли да биде предмет на некаква дебата! Оттука, секое сегашно – условно преурането – сугерирање на одделни битни зафати може да прозвучи како бурлеска, како цртан филм. Ама, зошто пак да не? Нека се смеат малку политичарите со културата – ионака ништо друго и не прават со неа – нека се чудат на дрскоста на културата да се (само)наметне како еднакво важна и релевантна тема во државава. Може ли сето тоа да се покаже продуктивно?

Којзнае, ама ако културата ова евентуално го разбере како предизвик (што е тешко за верување), ако одделни компетентни поединци (по примерот на Сунчица Уневска!) се осмелат стручно и објективно да посочат на вистинската реалност, на вистинските состојби во одделни сегменти и неопходноста за нивно надминување, ако институциите (без оглед на нивните партиски директори) започнат да размислуваат и со своја стручна глава, ако таканаречениот невладин сектор се подразбуди за кратко… Да, многу „ако“, но во македонската културата тоа е секогаш така, пред или по избори, за време на „владеење“ на една или друга партија. Македонската култура последниве триесет години живее во „ако“ и „ќе“ реалност!

Токму затоа и си дозволувам да отворам една ваква „ако“ и „ќе“ тема којашто партиските штабови очигледно не ја преферираат, свесни за товарот што партиите го (о)ставиле врз културата низ годиниве/деценииве. Дури, како што напишав во една прилика, СДСМ се осмели на овие избори да излезе без ниту едно име од културата на изборните листи, а „најпатриотската“ партија се дрзна до толку да ја понижи културата што за претставник во оваа област ни го сервираше никој друг туку – Игор Дурловски! Оттука, не знам колкумина од нас сериозно се надеваа дека (барем) овие избори ќе бидат форма на барање на соодветниот противотров на пирејот во македонската култура/демократија? Не знам, не сум сигурен, има (политички) поумни од мене, ама тие константно – молчат. Затоа ние и не знаеме што имаме и што не’ чека, што всушност избираме, за што (ќе) гласаме… ? Упорно сме глуви и слепи за најболните прашања (не само) во културата во државава, за теми што се или можат да бидат убиствени дури и за македонската повторно освоена демократија. И намерно ги подвлекувам зборовите повторно освоена зашто тоа е факт. Тоа е неспорен, непобитен факт, ама во праксата, некако прелесно, тешко освоеното така беневолентно се препушта на друг. Како што беше и во 2018та. Се разбира – говорам (не само) за културата, од таа година онака безгрижно препуштена на стихијата, на случајот, на „партнерите“ на кои таа им претставувше само билдање на партискиот и етничкиот рејтинг. И на жиро сметките! Па така денес, после повеќе од година, му го слушаме гласот на министерот за (не)култура како отворено навива за децениски клиенти во филмот, небаре ако тој абонент не добие државни пари – по којзнае кој пат по ред – се’ ќе отиде бестрага! Така ли си ја разбираат функцијата македонските министри (не само) за култура?

И оваа постизборна реалност за македонската култура ќе биде црна. Тоа се гледа малтене од авион. Иако и понатаму ќе се обидуваат да ни ја прикажуваат како розова, како славодобитна, како успешна приказна. И ќе се редат пред кабинетите сите оние кои себеси се сметаат за перјаници на таа „успешност“. Само што ништо од тоа нема да биде вистина! Дали е крајно време македонската некултурна реалност конечно да се именува со вистинските имиња? И кој тоа ќе го направи?

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close