Културофобна нормалност

Речиси е неверојатно како на македонската политика некои нешта не и’ пречат. Не на одделни партии, туку на сите – генерално. Како, на пример, не им пречеше да седнат во оној епохален собраниски кич, во она бескрупулозно, монструозно сочинение како шизоидна „македонистичка“ синтеза на лудилото викано „Скопје 2014“? И никој не кажа ни збор, си отседеа толку време, ќе си седат и понатаму, можеби меѓусебе тук-таму си разменија и срамежлив комплимент дека конечно заличевме на држава – болна, ама сепак – а некој можеби потајно и му благодареше на криминалецон од Будимпешта и неговиот „генијален“ архитект во Скопје. Не би ме зачудило, навистина, зашто очекував (најмалку) барем некаква реакција, збор-два од некого, можеби и од потенцијалниот мандатар на неговата прес конференција, или од Апасиев, или барем прашање од некој од новинарите… Ништо, штама! Се навикнуваме ли полека на се’? Или веќе сме свикнале? И веќе ништо и не ни пречи, како ни онаа архитектонско-скулптурална гробница среде Скопје? Веројатно.

Така впрочем, полека но сигурно се навикнуваме и на целава наша (не)културна реалност, дури и на необјасниво потценувачкиот став на државата кон културата, на еднакво чудно амбивалентниот однос и на јавноста – што и да значи овој поим денес! – кон оваа област, како впрочем и на зашеметувачката незаинтересираност на самата култура за своите проблеми и потреби. Што пак белки не значи дека, еве, сега и ние треба да престанеме дури и да ја спомнуваме оваа област? Можеби тоа е генералната интенција, зашто ако нешто не спомнуваш, тогаш истото и не постои, нели? И следствено: не создава ни проблеми! А ситуацијава со пандемијава и нашава неверојатна неспособност во справувањето со неа така убаво и’ оди на рака на власта и на сите останати културофоби.

Иако, во принцип се согласувам: на културата можеби и’ треба (и) еден таков експеримент на тотална изолација, на убиствен молк, игнорирање на плачките за пари и само за пари а ни збор за понудата, за квалитетот како заборавена категорија, за консументот/публиката како партиципиент… Пред само неколку дена беше постирана фотографија од „концерт“ во Св. Софија во Охрид, во рамките на фамозното „Охридско лето“ (нашиот „единствен културен бисер“!?): само десет посетители! А знаете колку чини „Охридско лето“? И подобро да не знаете. Меѓутоа, дури ни онаков експеримент многу не би помогнал зашто во таков случај проблемите/состојбите само би се продлабочиле па враќањето дури и на денешната „нормала“ би било невозможно! Па следствено, едно од прашањата на идната културна политика е да одговори: која е, што е денешната „нормала“ во македонската култура? Ова што го гледаме околу нас? Поточно – ова што не го гледаме бидејќи и нема што да се види? Но, ваква „нормалност“ немало во македонската култура дури ни во 1945 година. Гарантирано, зашто и тогаш се говорело за некоја „нова нормалност“ – со други зборови, се разбира – се говорело за „прв пат“ (во смисла на основање на први државни културни институции), се говорело за културни потреби, за културни слободи… Живееме ли навистина во културофобна „нормалност“?

Токму затоа, паралелно со сите други компоненти, менувањето на оваа денешна културнофобна нормалност треба да се вброи меѓу приоритетите, треба оди во пакет со другите битни, суштински менувања на односот кон културата. И тоа почнувајќи од највисоката власт, па надолу! Зашто, денес практично за културата се молчи, не се говори ништо. Не се ни размислува за нешто во културата. (Дел од) јавноста – повторно тој кај нас загадочен поим – „реагира“ само на специфични зборови, во случајов, на пример, на: Универзална сала. И реагира жестоко, и со право, како што треба. Ама само тоа ли ги интересира граѓаните на Скопје? Од тоа ли им зависи културниот „живот“ во градов? Па таа и таква Универзална сала не функционира веќе со години и беше очигледно дека „ја спремаат“ за нешто вакво. Што е тогаш тука новото или ние, по обичај, реагираме на последиците а не на причините? Или, дали чепкањето во културната меморија, во некои носталгични спомени, е таа дразба што кај нив предизвикува реакција? Можеби, ама како таа културна меморија не се активира и во случајот на „Скопје 2014“ на пример, на сеќавањата на некогашниот изглед на централното градско подрачје? Па од тогаш поминаа само шест-седум години, не е тоа некој долг заборав. И зошто сеќавањата навираа при спомнувањето на Градскиот трговски центар, па одеа дури и до гушкања и организирани одбрани, ама ич не им е гајле што на само педесеттина метри од ГТЦ, среде Плоштадот, им се надвисува онаа карикатурална претстава на нашиот „предок“, по меч и по дух? Или, ако баш сакате, како тоа на оваа македонска „културна“ јавност и’ треба само Универзална сала, ама не и’ треба театар, библиотека, музеј… која и да е’ друга културна институција затворени без објаснение веќе половина година? Како тоа во оваа држава има протоколи за се’, освен за – културата? Интересно како оваа културна јавност во овој поглед е, од една страна, сосема унисона со власта бидејќи на двете (условно) спротивставени страни не им треба поширока културна понуда, ама сепак никако да се согласат околу една Универзална сала? Толку ли е силен тој симбол, таа (културофобна) „лименка“, толку ли се впечатливи тие спомени? Просто човек да не верува. Или, едноставно, оваа јавност во моментов сака да се спротивстави барем за нешто? Ако не може на „големиот план“, тогаш нека биде нешто мало, ситно, ама да е против званичниот став? Но, зошто тогаш не се спротивстави на планот за „Малиот ринг“? Ете и тоа е – „мало“! Да, знам, во поимот Универзална сала се содржани и изневерени очекувања, ветувања што се’ уште ги паметиме, ама на приказната за справувањето со „Скопје 2014“ беа добиени изборите! Или некој тоа упорно сака да го заборави?

Како и да е’, јавноста, јасноста и гласноста се едни од приоритетите на потенцијалниот нов однос кон културата, приоритето во справувањето со оваа дрска, наметната културофобна нормалност.

Златко Теодосиевски

Извор

Back to top button
Close