Kумот Новачевски: Груевски ми рече да му бидам управител во градежната фирма и дека сака да земе земјиште на водно
Ристо Новачевски, кумот на избеганиот експремиер Никола Груевски, на денешното судење за „Плацеви на Водно“ сведочеше дека Груевски го викнал во кабинет и му кажал дека сака да отвори фирма за градежништво и дека е заинтересиран да земе земјиште на Водно. Според сведочењето на Новачевски, Груевски побарал од него да биде управител во фирмата, како близок човек, а работите околу формирањето на фирмата ќе ги води Алек Теранова. Станува збор за компанијата „Сирах инженеринг“, фирма ќерка на „Сирах лимитед“ од Белизе. „Сирах инженеринг“ е купувач на земјиштето од 11 илјади квадратни метри на Водно, пишува СДК.

За ова земјиште на Водно, обвинителката за организиран криминал и корупција Лиле Стефанова денеска презентираше дополнителни докази од Кипар добиени по меѓународна правна помош во прилог на тоа како одело перењето пари за кои е обвинет бизнисменот Орце Камчев. Дополни докази и од банката на Камчев од Битола и од други банки.
Сашо Мијалков одби прв да даде одбрана на крајот на оваа постапка, за да ги проучи прво доказите на Стефанова.
Но, без проблем се нафати обвинетиот Ристо Новачевски, кум на избеганиот Никола Груевски. Го испрашуваше неговиот адвокат. Бил застапник за фирма за дијализери, на светски брендови за медицински потрошен материјал, бил член на УО на ПУИГ.
„Го знам Никола Груевски од средно, му станав венчален кум на првиот брак. Откако стана премиер, се намалија контактите. Во средината на 2012 година ме викна во неговиот кабинет, ми рече дека сака да отвори компанија која ќе се занимава со градежништво и јас како близок да му бидам управител на фирмата”, го почна Новачевски сведочењето.
За која компанија се работи, праша адвокатот.
„Сирах инженеринг, фирма ќерка на Сирах лимитед. Јас никогаш не сум се занимавал со градежништво и му кажав на Груевски дека не можам да ги бркам тие работи”, одговори кумот.
Што ви рече, потпраша адвокатот.
„Јас само да бидам управител, а сите работи околу формирање на компанијата ќе ги води Алек Теранова, Александар Ивановски. Ми даде контакт и ме упати да контактираме во иднина“, кажа Новачевски.
Потоа што се случи, праша адвокатот.
„Ме информира дека е заинтересиран да земе земјиште на Водно“, кажа Новачевски.
Како се формираше фирмата, беше следното прашање на адвокатот.
„Јас го побарав Александар Ивановски. Му ги дадов моите генералии. Се видовме откако ги подготви документите за фирмата на Груевски. Ги потпишав документите и чекав за на нотар. Откако заврши постапката, ми кажа дека фирмата ќе има сметка во Стопанска банка Битола. Ми кажа да одам во експозитурата во ГТЦ, потпишав сметка, тоа беше. Потоа Алек ме информира дека пристигнаа пари на сметката, кои ќе бидат за купување на земјиште. Есента ми се јавија од банката дека има прилив на сметката и дека треба да потпишам документи. Имаше прилив од 300-400 илјади евра, кои беа пристигнати по основ на зголемување на основачкиот влог на Сирах инженеринг. Алек ме информираше дека ќе стигнат над милион евра, па очекував уште. Се случи и тоа, во два наврата, со слични суми“, раскажа кумот на Груевски.
…






