Куп ги отвори продавниците во Шведска по кибер нападот

По кибер нападот врз голем број компании во светот, тешко погодениот шведски ланец супермаркети „Куп“ (Coop) денеска повторно отвори стотици свои продавници.
Според списокот објавен од компанијата, околу 550 од 800 продавници се отворени, а околу 250 се уште се затворени.
Во многу отворени продавници, плаќањето е можно само преку апликација, бидејќи техничарите сè уште работат на отстранување на дефектот.
„Куп“ е еден од водечките ланци на супермаркети во Шведска.
Во петокот вечерта беше извршен кибер напад врз ИТ компанијата што обезбедуваше услуги на „Куп“, кој ги погоди платните системи. Стотици други компании од целиот свет исто така беа погодени.
„Куп“ мораше да ги затвори речиси сите свои продавници за време на викендот.
Првобитната цел на нападот била американската ИТ компанија „Касеја“. Хакери бараат 70 милиони долари во биткоин за да ги деблокираат нападнатите компјутери.
„Касеја“, која го нарече нападот „софистициран“, гарантира дека е ограничен на „многу мал број клиенти“.
Компанијата во петокот објави дека открила можен инцидент на својот софтвер ВСА, пред продолжениот викенд, проценувајќи дека „помалку од 40 клиенти во светот“ биле погодени, меѓутоа тој број е поголем затоа што тие даваат услуги и на други компании.
Според „Хантрас лабс“, компанија специјализирана за информатичка безбедност, „нападот погодил повеќе од 1.000 компании“.
„Касеја“, со седиште во Мајами, нуди ИТ алатки на мали и средни претпријатија и има повеќе од 40.000 клиенти.





