Курти ги фаворизира Таравари и Касами за шеф на државата

Косовскиот премиер Албин Курти во Приштина им предложил на лидерите на поголемите албански партии во земјава (освен ДУИ) сите да излезат со заеднички кандидат за шеф на државата, односно Таравари и Касами да се договорат едниот да биде претседателски кандидат, а другиот носител на Шестата изборна единица.

Косовскиот премиер Албин Курти стана директен актер во кроењето на предизборната политичка сцена во Македонија, откако лидерите на албанските опозициски партии, но и претседателот на владејачката Алијанса за Албанците, зачестија со консултациите со косовските државници.
При последната посета на Приштина од страна на лидерите на опозицискиот Европски сојуз за промени (ЕСП) – Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, заедно со лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, не беше остварена средба само со премиерот Курти, туку и со претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца, што е уште една потврда дека предизборните коалиции во Македонија ќе се кројат и во Косово.

Таравари во изјава за „Слободен печат“ ги демантира информациите дека на средбата со Курти веќе е договорено дека Алијанса на избори ќе оди со опозицискиот сојуз ЕСП.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, пак, на телевизиски настап во Косово го прозва Курти да каже дали неговото „Самоопределување“ ќе учествува на изборите во Македонија.
По враќањето дома, откако средбата со Курти ја овековечија со фотографија, лидерите на ЕСП не одговараат дали и што договориле во Косово. Неофицијално, преку медиумите на албански јазик во земјава, албанската опозиција брифира дека коалицијата со Алијанса е завршена работа и дека во прашање се денови кога таа ќе биде официјализирана.

Back to top button
Close