Курти: На албанскиот партнер во македонската Влада треба да му се даде време за да се консолидира
Верувам дека Република Косово и Република Северна Македонија имаат многу добри односи како две земји кои се ориентирани кон Западниот свет, а резултат се договорите кои сме ги склучиле и фактот дека Македонија е членка на НАТО, рече косовскиот премиер Албин Курти во интервју за Албанско-американскиот културен центар „Струга“ од Њу Џерси.
Запрашан за делувањето на коалицијата на албанските партии кои се дел од владата во земјава, Куурти вели дека тој лично не верува дека се загрозуваат достигнувањата на Албанците, и рече дека потребно е да им се даде малку време за да се консолидираат во владината коалиција.
„Сега ВМРО-ДПМНЕ се во коалиција со албанските партии, со албанска коалиција. Меѓу нив, еден пратеник е од ВВ, Беким Ќоку од Струга. Јас не верувам дека се загрозени достигнувањата на Албанците, но верувам дека има обид едно не толку добро наследство што го затекнаа овие кои се сега на власт, да им се припише на тие што го затекнаа, а не на оние што го создадоа“вели Курти.
Тој рече и дека има целосна поддршка од македонската страна за проектот за тунел што би требало да ги поврзе градовите Призрен и Тетово под Шар Планина.
„Знаете како се вели – имало град на небото, но кога паднал на земја, планините на Шара го поделиле на два дела, на Призрен и Тетово. Ние сега сакаме да ги поврземе со тунел и за ова ја имаме целосната поддршка од Владата на Северна Македонија“,рече Курти.
Кога станува збор за односите на Курти со претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ, тој рече дека на почетокот тие биле многу добронамерни кон Косово, а тоа се покажало и со одржувањето на заедничката седница во септември 2021 година, но потоа нешто се променило и Македонија станала активна членка на Отворен Балкан – нешто што не му се допаѓа на косовскиот премиер.
„Затоа, имаме голем интерес Северна Македонија да не биде дел од Отворени Балкан, од една страна, а од друга страна да биде што поактивна за што поскоро спроведување на заедничкиот договор за изградбата на патот Призрен-Тетово“изјави Курти.