Курти: Не верувам дека има борци на ОВК кои се воени злосторници

– Косовскиот премиер Албин Курти вели дека не верува оти има борци на некогашната Ослободителна војска на Косово (ОВК) кои вршеле воени злосторства, но верува дека „воени злосторници нема само во Србија, туку има и во северно Косово, во Босна, а можеби и во Црна Гора“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Денешната изјава на Курти од говорницата на косовското Собрание беше одговор на прашањето кое му го упати шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија на Косово, Абелард Тахири во врска со неговата изјава за воените злосторници во регионот, дадена на неформалната вечера на лидерите од регионот кај еврокомесарот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

– Зошто немавте храброст да ѝ кажете на српската премиерка Ана Брнабиќ, кој вршел злосторства? Вие ја проширивте картата и во рамки на злосторствата ја вклучивте и Република Косово. Повторно ве прашувам, кои се воените злосторници во Република Косово кои треба да се исклучат од институциите?, праша Тахири.

Косовскиот премиер рече дека тоа не било првпат да говори за воените злосторства и дека и на Србија и на Брисел им е јасно на кого мислел кога зборувал за воените злосторници.

– Безброј пати и во ова Собрание и во медиумите последниве години сум зборувал за злосторниците, и во војната и во мир. Србија знае за кого ми е зборот, Брисел знае за кого ми е зборот. Не знам зошто се јавуваат некои во Косово сосема непотребно. Јас не верувам дека има борци на некогашната Ослободителна војска на Косово (ОВК) кои вршеле воени злосторства, но верувам дека воени злосторници нема само во Србија, туку има и во северно Косово, во Босна, а можеби и во Црна Гора, изјави Курти.

Напоменувајќи дека „во 1998-99 година не војуваа Албанците против Србите, туку албанскиот народ против Србија“, косовскиот премиер рече дека со косовските Срби ќе води дијалог, чија цел е развој на државата, а не помирувањето.

– Дијалогот со локалните Срби е една од нашите заложби и ние сметаме дека дијалогот со малцинствата треба да биде дијалог за развој, а не за помирување. Јас не верувам дека Србите, Албанците, Ромите треба да се помират, бидејќи војната беше поради хегемонијата на Белград и угнетувањето на нашиот народ. Значи, во 1998-99 година не војуваа Албанците против Србите, туку албанскиот народ против Србија, изјави Курти. 

Back to top button
Close