Курти: Нема друга опција освен нови парламентарни избори во Косово

Вршителот на должност премиер на Косово Албин Курти денеска изјави дека му е потврдено дека нема друго решение освен одржување нови парламентарни избори во Косово.
Вчера во Собранието не беше изгласана новата влада што ја предложи Курти, откако предлогот доби 56 гласа, наместо неопходните 61 глас.
– Пред кој било договор што ја искривува волјата на граѓаните на изборите, ние избираме избори. Тоа е причината зошто земјата нема друг пат ниту начин освен нови избори. Тоа не беше наша желба, рече Курти на прес-конференција.
Тој наведе дека Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) категорично ја одбил владата што тој би ја водел, а исто така и Социјалдемократската иницијатива на Косово (НИСМА) одбила да биде дел од влада со која тој би управувал.
– Да размислуваа поинаку и да ја прифатеа понудата за соработка, не само што ќе имавме доволен број пратеници за да формираме нова влада, туку ќе можевме да го решиме и прашањето за избор на претседател за четири месеци, рече Курти.
Најдоцна во март следната година, Собранието на Косово треба да избере претседател или претседателка на Косово.
Курти додаде дека се обидел да го одвои ДСК од Демократската партија на Косово (ДПК).
– Во 2020 година, успеавме во тоа, но само на 51 ден. Се обидовме повторно со раководството на ДСК, но без успех. Единствениот начин ДСК да се согласи да биде дел од влада со нас беше да биде внатре и ДПК, што за нас е неприфатливо и штетно, рече Курти.
По повод тврдењата дека Косово ќе остане без буџет за наредната година, Курти рече дека врз основа на Законот за Влада може да предложи буџет за 2026 година.






