Курти: Нема притисоци за продолжување на дијалогот со Србија

 

 

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Европската унија и САД не вршат притисок за продолжување на дијалогот меѓу Косово и Србија, кој е во прекин од септември минатата година, кога во Вашингтон се сретнаа тогашниот косовски премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател Алксандар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи им се на новинарите во Призрен, каде што го посети тамошниот бизнис парк, Курти потврди дека кон средината на овој месец ќе се сретне со Вучиќ во Брисел.

– Ќе имаме една средба кон средината на јуни. Притисоци немам, туку имаме постојана дискусија. Дијалогот ќе биде принципиелен, ќе биде праведен, при што Косово нема да биде објект на масата, туку страна во преговорите. Ќе го претставуваме Косово со нашата програма и со совеста и одговорноста која сме ја покажале досега, изјави Курти.

Запрашан за заедницата на општини со мнозинско српско население, косовскиот премиер истакна дека нема да има еднонационална заедница.

– Што ќе се случи со заедницата, тоа го кажа и петицијата на граѓаните и тогашните опозициски дејствија, како и одлуката на Уставниот суд. Во Косово не може да има еднонационална заедница, значи неопходно е да ги интегрираме сите граѓани, без оглед на етничката припадност, да не создаваме творби кои ги одделуваат нив, изјави Курти.

Back to top button
Close