Курти ѝ нуди на Велика Британија центри за азиланти во Косово во замена за безбедносна поддршка

t

Косово ја разгледува можноста за изградба на центри за враќање на одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство. Пред Самитот за Западен Балкан во Лондон, премиерот Албин Курти потврди дека се во тек разговори меѓу косовските и британските претставници за иницијативата, објави „Репортери“.

На овој начин, Косово прво го потврди својот интерес за планот на британскиот премиер Кир Стармер за воспоставување серија центри за враќање, каде што одбиените баратели на азил би биле сместени откако ќе ги исцрпат сите опции за жалба во Обединетото Кралство, објави „Репортери“, повикувајќи се на британскиот „Тајмс“.

Курти рече дека косовската влада понудила да прима мигранти од Обединетото Кралство затоа што има „обврска“ да врати помош за улогата што земјата ја играла во мировните сили кои, како што изјавил, го штителе Косово од режимот на Слободан Милошевиќ.

„Сакаме да му помогнеме на Обединетото Кралство. Сметаме дека тоа е пријателска и политичка обврска. Имаме ограничени капацитети, но сепак сакаме да помогнеме, а во моментов има редовна комуникација меѓу нашите тимови на државни службеници од Министерството за внатрешни работи и нашите адвокати, за да видиме како ова може да се спроведе мирно и во интерес на двете страни“, рече Курти.

Тој додаде дека Косово ќе очекува дополнителна поддршка од Велика Британија во форма на безбедносна опрема и споделување разузнавачки информации, за да се спротивстави на „заканите што доаѓаат од Србија и Русија“.

„Сакаме поддршката да биде првенствено во областа на безбедноста – или преку стратешки договори или преку опрема и проекти што можеме да ги спроведеме заедно. Нашите тимови работат на тоа и мислам дека резултатот ќе биде успешен. Секако дека сакаме да имаме корист како држава, но пред сè сметаме дека е наша обврска да ви помогнеме, бидејќи и вие многу ни помогнавте и никогаш нема да го заборавиме тоа“, рече Курти.

Во меѓувреме, три земји во регионот – Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина – ја отфрлија британската понуда за изградба на вакви центри. Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека „никогаш во Албанија“ таква идеја за договор нема да биде прифатена, додека црногорскиот премиер Милојко Спајиќ нагласи дека Црна Гора „не е дел од рутата за шверц на мигранти на Балканот“, потсетува Репортери. Велика Британија бара партнери во регионот како дел од напорите за ограничување на нелегалните преминувања преку Ламанш, каде што само оваа година се регистрирани околу 37.000 мигранти – зголемување од 30 проценти во споредба со минатата година.

facebookShare on Facebook
TwitterTweet
FollowFollow us
PinterestSave

 

Back to top button
Close