Курти победи на изборите во Косово, неизвесно формирањето влада

Косово доби победник на парламентарните избори, но не и јасен излез од политичката неизвесност што ја следи земјата во изминатиот период. Иако Самоопределување на Албин Курти освои најголем број гласови, пред новото парламентарно мнозинство претстојат сложени преговори за формирање влада и избор на претседател.

Според официјалните податоци, по обработени 99,4 проценти од гласовите, Самоопределување останува најсилната политичка сила во Косово со освоени 43 проценти од гласовите. На второто место се најде Демократската партија на Косово со 21 процент од гласовите, додека Демократската лига на Косово освои 18 проценти и се пласираше на третата позиција.

И покрај изборната победа, партијата на Курти нема доволно пратеници самостојно да формира влада, поради што ќе мора да бара поддршка од потенцијални коалициски партнери.

Дополнителен предизвик претставува и изборот на нов претседател на Косово, за што е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. Тоа значи дека ќе биде неопходен договор и со дел од опозициските партии.

Излезноста на изборите изнесуваше речиси 37 проценти, што е значително помалку во споредба со околу 45 проценти на претходните избори, одржани во декември.

Ова се трети парламентарни избори во Косово во период пократок од две години. Политичката нестабилност продолжува откако во април парламентот беше распуштен поради неуспехот на политичките партии да постигнат договор за избор на претседател.

Косово речиси една година функционира без целосно консолидирана влада, а Европската Унија во повеќе наврати апелираше до политичките лидери да обезбедат стабилни институции и да ги забрзаат реформите потребни за напредок на европскиот пат.

Според аналитичарите, резултатот од изборите му дава предност на Курти во идните преговори, но не гарантира брзо надминување на политичката криза, која веќе подолг период ја оптоварува земјата.

Во Косово право на глас имаат околу 2,1 милион граѓани, бројка што ја вклучува и бројната дијаспора, која традиционално дава силна поддршка на Самоопределување и на политиките што ги застапува Албин Курти.

Back to top button
Close