Курти: Путин ја користи Србија во конфронтацијата со ЕУ и НАТО


Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ е ориентиран кон Кремљ, кон кој, како што рече, се насочени и „неговата љубов и неговиот страв“, додека рускиот претседател Владимир Путин ги злоупотребува и Вучиќ и Србија.

– Деспотскиот претседател Путин сака преку Србија да покаже дека една земја може успешно да функционира и надвор од Европската Унија и НАТО. Тоа е многу штетно за континентот и за стабилноста во нашиот регион – изјави Курти во интервју за австрискиот дневен весник „Ди Пресе“.

Курти рече дека во Ниш, на околу 160 километри од Приштина, веќе постои руско-српски хуманитарен центар во кој се сместени 3.000 лица за, како што наведе, „таканаречени кризни ситуации“, како и дека во Белград се наоѓаат регионалните центри на руските медиуми РТ и „Спутник“ и дека „хибридната војна веќе е во тек“.

– За време на изборите на Косово, на РТ и на ‘Спутник’ секојдневно имаше прилози против нашата влада. Во Косово повеќе нема паралелни српски структури кои можат одвнатре да нè дестабилизираат, но нападите однадвор се веројатни. Ако Путин се одлучи за ескалација во Источна Европа, може да ја користи Србија како послушник – рече Курти.

На прашањето за нормализацијата на односите со Белград, што претставува главна пречка за напредокот на Косово на патот кон ЕУ, Курти изјави дека во 2023 година со Вучиќ потпишал договор што српскиот претседател не го почитува, пренесува Бета.

– Сакаме добрососедски односи со Србија. Но, за целосна нормализација очекуваме и меѓусебно признавање. Србија мора да ја прифати реалноста и не смее да ги негира злосторствата од минатото. Нормалните европски односи со нас се најдобри и за Србија – истакна косовскиот премиер.

Курти додаде дека Брисел не треба да дозволи Косово да остане единствената земја од Западен Балкан без кандидатски статус за членство во Европската Унија.

Тој ја потврди оценката дека постојаните политички кризи ја попречуваат европската интеграција на Косово, но додаде дека, иако штетат на угледот на земјата, Косово бележи стабилен економски раст и според повеќе показатели за демократија и за човекови права е меѓу водечките во регионот.

Прашан за фактот што пет членки на ЕУ сè уште не ја признаваат независноста на Косово, Курти рече дека Приштина интензивно работи на тоа прашање и дека со тие пет земји „атмосферата е позитивна и станува сè подобра“, но дека сè уште недостига „последниот чекор – признавањето“.

– Но, ако поради своите внатрешни проблеми сè уште не можат да нè признаат како држава, тие сепак можат да гласаат за доделување кандидатски статус. Тие земји веќе ја одобрија визната либерализација и Договорот за стабилизација и асоцијација со Косово – потенцира Курти.

Back to top button
Close