Курти: Српските воени вежби крај границата се закана, потребни се санкции

Косовскиот премиер Албин Курти оцени дека воените вежби на српската армија во близина на границата со Косово се „крајно загрижувачки“ и побара меѓународната заедница да реагира на, како што рече, дестабилизирачкиот пристап на Белград.
Според весникот Коха Диторе, Курти изјави дека Србија ја користи армијата како „инструмент за притисок“, со цел да го одржува регионот во постојана тензија.
Претходно, градоначалникот на Гнилане, Албан Хусени, и градоначалничката на Прешево, Ардита Синани, информираа дека српските сили изведуваат воени вежби во пограничниот појас, кои ги оценија како „провокативни“.
Загриженост изрази и Енкел Реџепи, претседател на Албанскиот национален совет во Србија.
Курти изјави дека ваквите активности претставуваат притисок и обид за заплашување на Албанците во јужна Србија, кои, според него, со години се соочуваат со „административно етничко чистење“.
Тој предупреди дека вежбите на 63-та падобранска бригада, кои вклучуваат хеликоптери и падобрански операции во непосредна близина на границата, претставуваат „опасна демонстрација на сила“.
Курти потсети и на нападот во селото Бањска во 2023 година, кога вооружена група нападна косовска полиција, при што загинаа еден полицаец и тројца напаѓачи.
Одговорност за нападот презеде Милан Радојчиќ, поранешен функционер на партијата Српска листа. Косово го обвини Белград за вмешаност, што Србија го негираше.
Курти оцени дека Белград ја користи актуелната ситуација за тестирање на подготвеноста на безбедносните институции и за влијание врз стабилноста на Западен Балкан, алудирајќи и на поддршка од Русија и Иран.
„Институциите на Косово остануваат подготвени да одговорат на секоја закана, но време е меѓународната заедница да реагира и да го санкционира ваквиот пристап“, изјави Курти.
Тој повика и на заштита на правата на Албанците во Прешево, Медвеѓе и Бујановац.






