Кувајтскиот емир ја одобри новата влада

Кувајтскиот емир Наваф ал-Ахмед ал-Џабер ал-Сабах денеска го потпиша указот за формирање нова влада во земјата, јави кувајтската агенција КУНА.

Претходно денеска премиерот на земјата Сабах Калид ал-Хамад ал-Сабах на емирот му го предаде списокот со кандидати за министерските позиции. Според законите на Кувајт, емирот го именува шефот на владата и на негова препорака го формира владиниот кабинет.

Претходната влада поднесе оставка на 13 јануари, едвај еден месец откако почна со работа. Како што се случуваше повеќепати со последните неколку години, кабинетот поднесе оставка поради криза во односите со законодавниот дом. Токму конфликтот меѓу избраниот парламент и владата назначена од емирот, односно меѓу таканаречените млада и стара елита, е наведена како главна причина за оставка на минатата влада.

По парламентарните избори одржани во Кувајт во декември, новиот составот на Националното собрание, во кое има 50 пратенички места, беше обновен за 60 отсто. Уште во јануари, во согласност со парламентарното барање поддржано од 30 пратеници, беше одлучено премиерот да се повика во Националното собрание, каде парламентарците го обвинија за избор на неквалификувани и делумно провокативни фигури за министерски места.

На 24 јануари, емирот повторно му овозможи на поранешниот премиер да формира нов владин кабинет.

Back to top button
Close