Кузеска: Итна декласификација на документите за случајот со АНБ

СДСМ денеска побара итна декласификација на целата документација поврзана со случајот што, според партијата, власта се обидела да го претстави како наводна афера за прислушкување.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција истакна дека јавноста мора да ја дознае вистината, особено поради контрадикторните изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и директорот на АНБ, Зоран Христовски.

„Мицкоски вели дека бил прислушуван, Христовски тоа го демантира и зборува за прибирање информации за таргетирани лица. Кој овде лаже? Единствен начин да се расчисти е веднаш да се декласифицираат сите документи и да бидат достапни на јавноста,“ рече Кузеска.

Таа обвини дека, доколку тоа не се случи, ќе стане јасно дека станува збор за уште еден „неуспешен обид за манипулација“ од страна на власта и предизборна злоупотреба, слично како и во случаите со, како што наведе, „наводни дестабилизации, дронови, обиди за поткуп и други измислени приказни кои завршија без докази“.

Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува безбедносната служба за партиски цели, со што, како што рече Кузеска, се обидува да го одвлече вниманието од реалните проблеми

„Власта со години не обезбедува поголеми плати, не ги исполнува ветувањата и секојдневно ја тресат скандали. Граѓаните веќе не веруваат во лажни афери и празни приказни. Само целосна транспарентност ќе покаже дали има реален безбедносен проблем или уште една евтина манипулација,“ изјави портпаролката на СДСМ.

Back to top button
Close