Квалитетот како заборавен приоритет

Наспроти нашите лични, некој дури ги смета и за субјективни, иако не се, забелешки за редица „слепи места“ во пријавите и на овој конкурс на Министерството за култура – обично плод на нестручноста на тамошните служби – едно, веќе „општо место“, просто боде очи: никој, никаде, не говори за квалитет!? Сите пријави се занимаваат со процедури, со постапки, со формалности, со рокови и проценти (туѓи но не и на Министерството!), но речиси никаде не можете да го прочитате зборот – квалитет. Зошто?

Прво, затоа што квалитетот како категорија е одамна изгонет од проектите на овој конкурс. Тој, квалитетот, едноставно не е condition sine qua non туку – напротив: тој се маскира со секакви други формалности коишто, божем, наметнуваат некаков услов во дејноста/областа т.е. во пријавата на проектот, но всушност тоа не е така. Затоа, на пример, кога пријавата во приоритетите вели дека, на пример, во визуелните уметности Министерството за култура поддржува „проекти со кои во 2021 година се одбележуваат значајни јубилеи и датуми на домашни автори и институции“, или „проекти кои поттикнуваат интеркултурен дијалог“, или „проекти кои применуваат алтернативни, гранични и експериментални уметнички изрази“, или „проекти кои стимулираат интерсекторско поврзување меѓу јавниот и независниот културен сектор“ (кај интердисциплинарните проекти) итн., никаде не можете да го прочитате зборот КВАЛИТЕТНИ проекти во дадената област. Што ќе рече дека е поважно да имате „проекти кои поттикнуваат интеркултурен дијалог“, но не и квалитетни проекти кои поттикнуваат интеркултурен дијалог, или е поважно да потенцирате дека „предност ќе имаат младите автори до 35 години кои досега не биле поддржани од Министерството за култура“, но не и КВАЛИТЕТНИ проекти на млади автори до 35 години (кои досега не биле поддржани од Министерството за култура). Или, повторно, младоста ја гледаме како квалитет per se и мислиме дека таа логично носи и квалитетен проект? Ситуацијата, за жал, е токму обратна: поимот квалитет не морате да го врзувате за еден Душан Перчинков, на пример, Илија Кочовски, зашто самото нивно име е гаранција за квалитет, или, ајде да излеземе малку од Скопје, еве, за еден Данчо Кал’чев, или Атанас Атанасоски… но и за многу други веќе повозрасни уметници. Не дека и тие немаат осцилации во творештвото, ги има секој, ама онака, „на слепо“ да претпоставувате дека нечија младост се римува со квалитет, па уште да го додадете и небулозниот услов „кои досега не биле поддржани од Министерството за култура“ е навистина нонсенс. Или, на пример, толку ли ќе пречело ако веќе во воведната реченица – инаку иста за сите пријави – која гласи „Министерството за култура во 2021 година ќе поддржи проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата во Република Северна Македонија (…)“, пред зборот „проекти“ стои КВАЛИТЕТНИ? Квалитетот, имено, токму пред зборот „проекти“, ќе станел онаа суштинска одредница којашто веќе во стартот ќе инсистирала на селективност. Или за некои токму тоа би било проблем?

Поимот квалитет прв пат се спомнува во глава III (Оцена, критериуми и мерила), во воведната реченица: „Стручна комисија врши оцена на проектите во согласност со приоритетите, убедливоста (аргументираноста) на Пријавата, издржаната конципираност на Пријавата и оцената на квалитетот на проектот, како и професионалните капацитети за нивна имплементација“! Ама, очигледно, квалитетот е последниот „критериум“, зашто поважни биле усогласеноста со приоритетите, убедливоста (?), издржаната конципираност (?)… Извинете, кој ги смислува овие будалаштини, кој така одважно реди зборови кои без соодветно толкување не значат ама баш ништо?

И понатаму, во т.н. Евалуациска матрица односно во делот на оценувањето на проектот, се појавува фамозниот квалитет како одредница „Квалитет на содржината на проектот“, но со различни вредности. На пример, за соодветен квалитет во Пријавата за интердисциплинарната дејност ќе добиете само 25 бодови од можните 100, но во пријавата за меѓународна дејност тој „Квалитет на содржината на проектот“ носи 30 бода (зошто, таму е попотребен квалитетот отколку дома?), истиот број бодови (30) стои и во пријавата за издавачка дејност и за визуелни уметности итн. Што е уште поинтересно, во заштитата на културното наследство, како врвен приоритет на државата, исто така никаде претходно не се спомнува овој клучен поим, иако се говори за „Вршење конзерваторско-реставраторски работи“ ама не и за КВАЛИТЕТНО вршење конзерваторско-реставраторски работи, се говори за „Конзервација (…) на музејски материјал“ наместо за КВАЛИТЕТНА конзервација на музејски материјал, па за квалитетни изложби итн. Инаку, и во заштитата, иако приоритетна област, „Квалитет на содржината на проектот“ носи само 30 бода!

Се разбира, клучно е прашањето дали дури и со инсистирањето на навистина квалитетни содржини овој конкурс би бил на крајот многу поразличен од сите претходни. Но сепак, тоа е нешто што останува да го видиме!

Back to top button
Close