Квазиленд
Трифун Костовски
Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка, ќе се осврнам на еден сегмент од нашето секојдневие кој што повеќе или помалку секој од нас го чувствува врз својот грб.
После стечајот на Еуростандард банка веднаш се оформи Здружение на оштетени штедачи. Денес не постои од проста причина што сите правни и физички лица, клиенти на банката, се веќе обештетени од стечајната маса на Еуростандард банка.
Изминативе пет години имаше секакви коментари, некои издржани, некои неиздржани, но и напади од моите сограѓани кои сметаа дека јас сум ја уништил банката, воден од криминогени пориви да се збогатам на сметка на моите сограѓани. На моите обични сограѓани не им замерувам на нивните, лично за мене, непријатни коментари од причина што живееме во општество каде секојдневно се пере умот, се креираат шпекулации и невистини од одредени кругови коишто имаат голема улога во носењето на Еуростандард банка во стечај.
Меѓутоа, кога со такви коментари ќе се појави ппранешен премиер, којшто денес покрај политичката кариера е истакнат бизнисмен и историчар, тогаш револтот во мене расте без престанок.
Покренав прекршочна пријава против оваа личност. Процесот траеше цели три години. Деновиве судот донесе пресуда со која тужениот бивш премиер треба само да се извини во јавните гласила и да ги покрие севкупните трошоци на судскиот процес.
Моето барање да добијам финансиско обештетување со крајно висока цена беше одбиено од Основниот граѓански суд Скопје. Да појаснам, моето барање за финансиско обештетување немав намера да го користам лично за себе, туку да го донирам во хуманитарни цели и во интерес на моите сограѓани. Подучен од нискоста на истиот ппранешен премиер, кој беше финансиски помогнат од мене кон крајот на 90-те години на минатиот век, никогаш не можам да бидам сигурен каде завршиле донираните средства. Дали во партијата или на лично негово конто.
Почитувани читатели, ова е уште една порака која верувам дека многумина од вас веќе сте ја добиле, или ќе ја добиете во некое идно време. Судскиот систем во Република Македонија е заробен. Квази систем и квази судство во Квазиленд.
Живееме во демократско општество, но неподготвени влеговме во демократија, како политички систем на функционалност на државите. На дело се покажуваат низа слабости, а дефинитивно цената ја плаќаме ние граѓаните.
Демократијата е збор кој потекнува од античка Атина. Означува и слобода на избор на гласачите, за тоа кој каква функција треба да извршува во државниот систем. Демократијата била функционална во Атина кога таа како држава немала повеќе од 10000-15000 жители, а слободните граѓани имале право на глас и меѓусебно се познавале.
Во античките времиња светската популација не броела повеќе од 500000 жители (бројките се моја проценка од извори што ги користам).
Римската империја и Византија, коишто владееле повеќе од 1500 години со Европа, Мала Азија и Северна Африка, не броеле повеќе од 50 милиони жители. Денес бројката се движи до 9 милијарди жители на планетата Земја. Демократијата и понатаму владее како политички систем во кој што обичниот граѓанин не може добро да ги запознае луѓето пред да го довери својот глас. Граѓанинот станува подложен на високо платени медиуми кои работат во интерес на парите и кој најмногу ќе плати.
За жал ваквата демократија е присутна во нашата Македонија. Не изнедривме креативни и посветени политичари во државата, туку (не) луѓе кои не заслужуваат да бидат ни технички персонал во институциите кои ги водат.
Човек кој владеел со Македонија полни четири години и важи за политичар и сериозен бизнисмен, па згора и историчар кој преку историјата ја брани бугарската кауза на Македонците. Таков човек, кој поседува бугарски пасош и има регистрирано место на живеење во соседна Бугарија, се појавува како кандидат за градоначалник (пред неколку години) во соседна Бугарија во град блиску до нашата меѓусебна граница.
Почитувани читатели, за жал овој човек ние сме го избрале. Заедничка вина е.
Таков човек ме обвинува дека сум украл 15 милиони евра од бившата фирма Технометал-Вардар. Не бе пријателе, јас украдов од Технометал-Вардар многу повеќе! ,,Украдов” преку учење занает од оваа фирма, крадев знаење и вештини за чесно тргување во и надвор од Македонија стекнувајќи капитал повеќе од стотици милиони евра.
Почитувани читатели, ваков бивш премиер, денес политичар, бизнисмен и историчар со ограничена интелигенција, може да биде фактор само во нашава земја. Затоа нашава земја ми наликува на Квазиленд.
Продолжувам со мојата борба за вистината на Еуростандард банка. Нема да престанам да се борам за мојата татковина за да им оставам нормално место за живеење на нашите идни генерации.