КЗК: Вишиот управен суд потврди решение со што се утврди дека големи веледрогерии склучиле забранет договор

Вишиот управен суд со пресуда го потврди решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), со што таа утврди дека две големи веледрогерии – АД „Д-р Пановски“ и „Фарма трејд“ ДООЕЛ – Скопје, склучиле забранет договор – картел при учество во постапка за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, информираат денеска од КЗК.

– Се работи за јавна набавка што во 2016 година е распишана од страна на Министерството за здравство на Република Македонија, при што двете веледрогерии, спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата, склучиле забранет договор – картел со што свесно и со намера да се стекат со противправна имотна корист на штета на државата, го замениле принципот на слободна конкуренција на пазарот со забрането договарање на продажните цени на лековите, појаснуваат оттаму.

 

Комисијата за заштита на конкуренцијата истакнува дека „при откривање и документирање на овој картел го имала предвид домашното законодавство, но и судската пракса на Европската Унија“.

 

– За учество во предметниот картел, Комисијата со решението изрече прекршочни санкции глоба и тоа на АД „Д-р Пановски“ во износ од 1.061.000 евра и на „Фарма трејд“ ДООЕЛ 721.000 евра, додаваат од КЗК.

 

Како што посочуваат, висината на наведената глоба е во корелација со штетата што е нанесена на буџетот на државата.

– Решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата е потврдено од страна на Управниот суд и Вишиот управен суд и истото е правосилно и извршно и претпријатијата треба да ја платат глобата во законски утврдениот рок, подвлекуваат од КЗК.

Комисијата за заштита на конкуренцијата најавува дека за „откриениот картел ќе поднесе соодветно известување до Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство, заради натамошно постапување од нивна страна во соодветна кривична постапка“.

Back to top button
Close