ЛАБОРАТОРИИТЕ ПО ПАНДЕМИЈАТА – Плати, кадар и реалноста зад бројките
Бројот на вработени и просечната нето-плата во најпознатите приватни лабаратории
Во првиот дел од анализата на Пари, ги обработивме финансиските резултати на петте најпознати приватни лаборатории во Македонија – Авицена, Биотек, Синлаб, Никоб лаб и Рамус. Анализата покажа дека приходите значително опаднале во однос на ковид-периодот, а две компании влегле во сериозна загуба, со зголемена задолженост и блокирани сметки.
Во овој втор дел се фокусираме на човечкиот капитал, од податоците на Бизнис мрежа може да се види колку лица се вработени во овие лаборатории, како се менувал нивниот број во изминатите четири години и колкави плати примаат. Бројот на вработени и просечната нето-плата се директен одраз на деловната стратегија: дали компаниите вложуваат во тимот или се принудени на рационализација и кратење.
Бројките откриваат интересна слика – некои лаборатории успеваат да задржат и дури зголемат платите, а кај други се бележи драстично намалување на кадарот, што отвора прашања за иднината на нивното работење.
Од анализата може да се забележи голема разлика во платите, па тие лани се движеле од 587 евра до 848 евра.
Најголемата просечна нето-плата ја давала Синлаб, и таа во 2024 година изнесувала 848 евра што е за 52 евра повеќе од просекот во 2023 година, иако минатата година имала загуба од 84% во споредба со 2023. Но сепак бројот на вработени во оваа лабораторија не е највисок и изнесува 63.
Втора по најголема просечна нето-плата е Авицена – 804 евра, и во споредба со преклани е зголемена за скоро 100 евра платата, но и заработката пораснала за 137% во однос на 2023 година.
Биотек бележи раст до 2023, но во 2024 платата е намалена – 621 евро, иако заработиле над 260 илјади евра повеќе од преклани, а тоа може да се поврзе со зголемени трошоци или реструктурирање. Додека, пак, персоналот со кој располага е вкупно 65 вработени.
Никоб лаб има најголем раст на плати во процент – но тоа е резултат на речиси целосно редуциран тим. Плата во 2021 година изнесувала 242 евра и лабораторијата броела 98 вработени, а во 2024 година платата „скокнала” на 587 евра, но со 5 вработени. Високите плати за преостанатите 5 вработени не се знак за здрав раст, туку реакција на останување без кадар.
Лабораторијата Рамус ги зголемува вработеноста и платите, што во принцип би значело раст и стабилизација. Но кога паралелно со тоа расте загубата секоја година, платите стануваат сè поголем товар, а задолженоста достигнува 390%, тогаш станува јасно дека се работи за неодржлив деловен модел.
Вработените се зголемиле од 28 во 2021 на 47 во 2024, што претставува раст од 68%. Просечната нето-плата е зголемена за 109% – од 305 евра на 639 евра. Во 2024 година, Рамус троши речиси половина од приходот само на плати, без да се вклучат други оперативни и административни трошоци. Тоа е можеби фактор зошто фирмата не може да генерира добивка.
И покрај финансиските потешкотии со кои се соочуваат некои приватни лаборатории, вработените во најголем дел од нив добиваат плати блиску до или над државниот просек, кој за 2024 година изнесува 708 евра.
Медицински сестри и лаборанти остануваат многу барани занимања. Но, пoдатоците откриваат дека само Синлаб и Авицена дале просечни плати над републичкиот просек.
Во време кога здравството е сè поважен дел од јавниот интерес, оваа анализа покажува дека мора да се постави јасен баланс меѓу грижата за вработените и деловната дисциплина. Инаку, платите може да останат на хартија, а лабораториите без кадар и без иднина.
Целата објава на следниот линк: https://pari.com.mk/laboratoriite-po-pandemijata-plati-kadar-i/