Лабораториски глувчиња

Не секогаш она „па нели ви реков“ го исполнува човека со некакво самозадоволство, уште помалку со гордост. Некогаш тоа „нели ви реков“ е прилично кисело, или горчливо, наместо да биде слатко заради „вкусот“ што подолго трае. А горчливиот „вкус“ по правило најдолго трае! Следствено, кога пишував дека многу, многу заличува дека низ „песната“ на источниот сосед провејуваат и некакви чудни ноти, (не)скриени акорди и од Европската комисија, мислев токму на изјавата на оној еврокомесар за добрососедство и (божем) проширување викан Вархеји и неговите прилично – извинете – непромислени (да не речам некој „посилен“ збор, а треба!) изјави од типот дека „С Македонија мора да вложи дополнителни напори за да им излезе во пресрет на загриженостите на Бугарија и да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете земји“. Пазете: „(…) да им излезе во пресрет на загриженостите на Бугарија (…)“! Па извинете, што сме ние? Доброволни пациенти за лекување нечии грижи, антибиотик за бугарските трески и европските покачени температури? Лабораториски глувчиња за налудничавите ЕУ експерименти? Ама и тоа му било малку, или можеби му звучело преблаго, па додал дека мора „да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете земји“. Како воопшто тој Вархеји замислува дека е можно баш такво „решение кое ќе биде прифатливо за двете земји“ кога само една земја поставува услови, не само крајно несериозни и срамни туку и целосно неприфатливи за „другата земја“? Или тоа е џокер-картата – или бодликавата жица, како сакате – на Европската комисија којашто треба да ја зајакне блокадата на Македонија на патот на евроинтеграциите? Згора на се’, испаѓа дека само Бугарија е „загрижена“ а ние си свиркаме, среќни и весели.

За жал, приказнава со нашите пристапни преговори со ЕУ за полноправно членство во Унијата почнува да заличува на фарса со трагикомични елементи. Или, полека оди кон некаква бездна од којашто потоа тешко ќе излеземе, ама тоа како да загрижува само малкумина од политичкиот врв кој ги има државните инструменти и механизми за излез од кризата. Но, ако бугарските, односно (сега и званично) и европските „погледи“ на ситуацијата се веќе јасни и безмалу целосно транспарентни, некако се’ почест станува и нашиот придонес врз маката, свесно или не, од незнаење или намерно. Зашто, како инаку јавноста може да ја разбере изјавата на актуелниот наш министер за надворешни работи Бујар Османи дека „би било погрешно да се очекуваме дека Комисијата би имала симетричен однос кон земја членка на Европската унија и земја кандидат“ (sic!). Па проблемот е во тоа што ние, и не само ние туку и секој разумен човек, МОРАМЕ да очекуваме Европската комисија да има симетричен однос кон земја членка и земја кандидат! Инаку, што цацко бараме таму? Или Османи има некакво друго објаснување за нашите очекувања? И кое и какво би било тоа? Да бидеме постојано потценувани и удирани поглава, да седиме (повторно) во некоја чекална – како што правевме цели три децении – а не со сите други на истата маса, да си вградиме чип со софтвер на помала вредност…, што? Ако Османи има некакво рецепт, ред е да го презентира јавно! Ако и македонската дипломатија – или барем нејзиниот (нестручен) врв – така ја гледа македонската иднина човек сериозно треба да се запраша за целисходноста на нашето чекорење кон Европа. Таквите изјави и тој тип на самопотценување говори многу за нашите позиции односно за оние кои добиле мандат истите да ги застапуваат.

Секоја друга критика од европски функционер – но не и од источниот сосед! – од типот на неподготвеноста на државата за пристапни преговори, за неисполнувањето на некои наши обврски/задачи, (а за волја на вистината, ние си знаеме дека ги имаме дури и премногу), во вакви ситуации се добредојдени и дури конструктивни. И тие би биле добра причина дури и за временото одложување на пристапните преговори. Но вака, со вакви дилетанти како Вархеи и онакви… ај да премолчам… како нашион источен сосед? „Преспанскиот договор“, ветено беше, требаше целосно да ги отвори вратите кон ЕУ. Ама не, сега има и нешто друго. Или: целта беше Македонија да влезе во НАТО како некаква нивна безбедносна гаранција, ама за ЕУ ќе мора уште да се поти? Таквата слика полека но јасно се профилира низ заматените стакла на НАТО и ЕУ лабораториите, и тоа не би бил прв пат во македонскиот случај. Но и тоа е (нивно) еднострано гледање на нештата. Што, на пример, ќе се случи ако веќе утре, или задутре, некоја будала кај нас смисли дека заради неисполнувањето на ветувањата Македонија ќе излезе од НАТО? Или – нема таква опција? Ако така мислат, тогаш навистина не знаат какви се’ налудничави луѓе овде се бават со политика!

Златко Теодосиевски

Извор

Back to top button
Close