Лагард: Употребата на замрзнати руски средства мора да се заснова на меѓународното право
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард денеска предупреди дека секоја одлука на западните земји да ги користат замрзнатите руски средства мора да се заснова на меѓународното право.
Европските лидери сакаат да користат руски средства вредни меѓу 300 и 350 милијарди долари – главно во европски, британски и американски државни обврзници – за обнова на Украина, но сè уште не се договориле како да ги избегнат правните проблеми што би ги предизвикал таквиот меѓународен преседан.
ЕЦБ долго време изразува загриженост за влијанието на таквиот потег врз идната подготвеност на инвеститорите да чуваат средства во евра.
„Не е на ЕЦБ да разговара за тоа, но секако би нагласила дека втемеленоста на одлуката во меѓународното право ќе биде важна за другите инвеститори“, рече Лагард.
„Тоа, сигурна сум, е елемент што ќе го земат предвид оние чија работа е да донесат конечни одлуки“, заклучи таа.