Лaгумџија: Заев ја доживеа судбината на сите реформатори, се надевам дека замина за пак да се врати

Преземањето одговорност за изборниот неуспех на премиерот Зоран Заев е случај без преседан во регионот. Освен што овој чин на Заев може или треба да послужи како пример за многу политичари во регионот, аналитичарите и познавачите на состојбите на Балканот со голема загриженост ја примија оваа вест, со оглед на тоа што Заев им припаѓаше на ретките прогресивни политичари во овој дел од Европа, оценува сараевскиот порталот Стартбих.ба.

Поранешен министер за надворешни работи на БиХ и долгогодишен претседател на Социјалдемократската партија (СДП), Златко Лагумџија во изјава за Стартбих.ба оценува дека премиерот Заев ја доживеа судбината што вообичаено ја доживуваат реформаторите во регионот.

– За среќа, тој не заврши толку брутално, толку трагично како некои други, но тоа што го направи беше обид во неверојатни услови да ја извлече Македонија, па дури и целиот регион, од калта во која се наоѓа. Искрено се надевам дека Зоран Заев замина, за да се врати. Враќањето на Заев би значело голем напредок за целиот регион. Политиката што се обедини против него е всушност многу неспоива. Имате граѓанска, модерна и прогресивна опција собрана околу независните кандидати, но таа за жал се здружи со најцрната десница и ја врати на политичката сцена ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е голем чекор наназад. Секако, Македонците одлучуваат за нивната судбина и им посакувам многу среќа. Особено на пријателите, на социјалдемократите, вели Лагумџија.

Според него, оставката на Заев и од премиерска и од партиска функција по изборниот пораз е нешто што првпат се случило во регионот.

– Досега имаше некои примери, во крајна анализа и јас изгубив на изборите во 2014 година и се повлеков од оперативната политичка сцена. Заев се повлече на драматичен и за регионот непознат начин во последните 30 години. Повторувам уште еднаш, искрено верувам дека Заев замина за повторно да се врати, изјави Лагумџија.

Back to top button
Close