Лала: Евромабасадорката Влахутин побара да го уапсам Сали Бериша за кого немаше никаков доказ

– Поранешниот главен државен обвинител Адриатик Лала изјави дека поранешната амбасадорка на ЕУ во Албанија, Романа Влахутин, побарала од него да го уапси, поранешниот албански претседател и експремиер Сали Бериша, кого неодамна САД го прогласи за непожелна личност.

Во интервју за „Сири ТВ“, Лала рече дека евроамбасадорката му рекла дека со „апсењето на Бериша ќе се реализира интеграцијата на Албанија во ЕУ“.

-Таа ми рече дека за да може Албанија да влезе во ЕУ, мора да го следи патот на Хрватска и да го уапси Сали Бериша и оти јас сум имал можност да ја покажам својата сила да и помогнам на Албанија да влезе во ЕУ. Таа го искористи случајот што беше со статус на дипломат, бидејќи во други услови да бара апсење без докази не се толерира. Исто така апсурдно е што влегува во канцелариите на независна држава и наметнува вакви форми, изјави Лала.

Додава дека за ова барање на Влахутин веднаш ги информирал тогашниот шеф на државата Бујар Нишани и Илир Мета, претседател на парламентот, при што „на Нишани ова се чинело неверојатно“.

Лала со категоричен одговор дека истрагата во никој случај не обезбедила докази дека Сали Бериша бил вмешан во ситуација на незаконитост и оти ниту еднаш до обвинителството не било доставено обвинение од страна на владата на Еди Рама.

Посочи дека ниту еден американски амбасадор од него не побарал Бериша да биде уапсен.

Лала се сметаше за еден од највлијателните луѓе во Албанија, од кого многумина стравуваа. На функцијата главен државен обвинител беше од декември 2012 до ноември 2017 година, кога поднесе оставка, откако не можеше да го оправда потеклото на дел од својот недвижен имот. Во 2018 година, му беше забранет влез во САД поради сомневање за вмешаност во корупција.

На 20 минатиот месец Специјалниот суд против корупција и организиран криминал му изрече затворска казна во траење од две години, петгодишна забрана за извршување јавна функција и решение за конфискација на имот.

Американскиот Стејт департмент во обрзложението зошто го прогласува Бериша и неговото семејство за непожелни се наведува дека „ во негово официјално својство, посебно како премиер на Албанија, Бериша бил вклучен во коруптивни активности, како на пример злоупотреба на јавни фондови, вмешаност во политики процеси, вклучително и употреба на моќ за лична корист и збогатување на политичките сојузници, како и членови на семејството“.

Веднаш по ова, Бериша објави дека ќе поднесе тужба против американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој ја објави одлуката.

Back to top button
Close