Ландсбергис по средбата со Димитров: Очекуваме целосна поддршка за членство на Северна Македонија во ЕУ

Северна Македонија е дефинитивно земјата за чие членство во ЕУ очекуваме целосна поддршка и ги разбираме предизвиците што треба да се решат. Знаеме дека ви треба многуслојна поддршка и се надевам дека и нашата поддршка ќе биде од помош, истакна министерот за надворешни работи на Литванија Габриелиус Ландсбергис на прес-конференцијата по денешната средба во Вилнус со вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, со која тој ја заокружи дводневната посета на двете балтички земји кои се дел од групата „Пријатели на проширувањето“.

– Северна Македонија е дефинитивно земјата за која очекуваме целосна поддршка за нејзиното членство и ги разбираме предизвиците што треба да се решат. Имаме неколку точки што треба да ги подвлечеме. Прво и најважно, Литванија го изоди патот кон целосна интеграција, доби различна поддршка од различни земји, од соседите Полска, други земји, и секако поддршката во спроведувањето на неопходните реформи кои се дел од помошта и поддршката на вашиот пат кон членството во ЕУ. Ние исто така разбираме дека вие сте една од оние земји што ги доживуваат културните разлики затоа што сте срцето на една цивилизација и знаеме дека ви треба многуслојна поддршка. И, се надевам дека и нашата поддршка ќе биде од помош, исто така уште еднаш сакам да му повторам на г. Димитров, ќе бидам многу среќен кога ќе ве видам како членка на ЕУ, изјави Ландсбергис.

Од своја страна Димитров изрази благодарност за поддршката од Вилнус и додаде дека Северна Македонија има многу што да научи од литванското искуство, бидејќи колку години Литванија е членка на ЕУ, скоро толку Северна Македонија е во чекалната. Тој потсети дека ние сме земја кандидатка од 2005 година, а Литванија ѝ се приклучи на ЕУ во 2004 година, а укажа и на големата препрека за нас – споот за името кој го имавме со Грција, и кој го решивме со Преспанскиот договор.

– Јас бев овде пред 21 година кога ја потпишав Изјавата во Вилнус и тогаш стратешки ја исцртавме иднината на нашиот континент. Сите сакаме да се приклучиме на НАТО и на ЕУ за Европа да биде слободна цела и безбедна. Оттогаш дотуркавме далеку. Претставувам земја која е најмладата членка на НАТО. Само што ја одбележавме првата годишнина. Би сакале да бидеме корисен сојузник, ќе се потрудиме да бидеме сигурен партнер и мојата клучна порака овде е поддржете нѐ да го започнеме европското патување оваа година бидејќи критично ни треба напредок на Балканот, изјави Димитров на прес-конференцијата.

– Двајцата заклучивме дека сме земји кои имаат исти стремежи, сакаме свет кој се заснова на правила, не сме импресионирани кога границите се менуваат со сила или има обиди во таква насока, додаде Диитров.

Како што соопшти СЕП, Димитров на средбата се осврна на блиската соработка со Литванија воспоставена преку Вилнус групата уште од 2000 година, како платформа за поддршка на процесот на пристапување кон НАТО врз основа на принципот на солидарност, што се заокружи со влезот на Северна Македонија во Алијансата.

Главниот фокус на средбата беше ставен на заокружување и на втората стратешка цел, отпочнување на евроинтегративниот процес кој дополнително ќе ја зајакне безбедноста, но и демократизацијата на нашиот регион.

Димитров потенцираше дека Европа не може да биде комплетирана без интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, бидејќи најважен предуслов во таа насока се стабилни и фер институции и владеење на правото што пак, се главни императиви на пристапниот процес.

– Веќе долго време одиме по пат поплочен со бројни предизвици кои на моменти изгледаа и ненадминливи, направивме огромни чекори во европски дух, но препреките никако да изостанат. Иако немаме намера да се откажеме, мора да се направи јасна граница меѓу условите за почеток на преговорите и билатералните барања кои не се на линија на европските вредности. Долгочекуваниот и повеќе од заслужен официјален старт на нашиот европски пат, ќе претставува валидација на досегашниот активен ангажман на македонската страна и силен поттик за одржување на стабилноста и безбедноста, но и голем придонес за регионот што истовремено ќе внесе повеќе од потребна надеж за зачувување политиката на проширување на ЕУ, истакна Димитров.

Вицепремиерот Димитров, се додава во соопштението, го информираше министерот Ландсбергис и за клучните реформски активности кои се насочени кон задржување на позитивнато европско досие на Северна Македонија, со акцент на областите од првиот кластер „Темели“, како што се владеење на правото, јавните финансии, но и заштитата на животната средина како еден од главните предизвици и за ЕУ и за земјата. Станува збор за суштински теми и прашања, особено значајни за напредок во пристапниот процес со ЕУ, опфатени во „Агенда: Европа дома“.

Министерот Ландсбергис, се нагласува во соопштението, го потврди одлучниот став на Литванија за продолжување со континуираната и видлива поддршка на нашата европска интеграција, што отвора и дополнителна можност за натамошно унапредување на билатералната соработка во областите од заемен интерес и споделување на искуствата од преговарачкиот процес.

Соговорниците заеднички оцениле дека  економската и инвестициска соработка се недоволно развиени со оглед на потенцијалот, поради што се потребни заеднички заложби за нивно продлабочување.

Вицепремиерот Димитров денеска  имаше средби и во литванскиот Сејмас, со заменик парламентарната спикерка и претседателка на Комисијата за европски прашања, Радвиле Моркунаите-Микулениене, и претстедавачот со Комитетот за надворешни работи, Жигимантас Павилионис.

На средбите, како што се наведува во соопштението, Димитров искажа благодарност за поддршката на пристапниот процес на Северна Македонија во НАТО, со оглед на тоа дека Литванија беше меѓу првите држави кои го ратификуваа пристапниот протокол и изрази надеж дека континуираната заложба од литванска страна ќе биде целосно реализирана со мериторно интегрирање на нашата земја во ЕУ. Интерпарламентарната соработка, се наведува, е од голема важност како платформа за пренесување на искуства во процесот на европската интеграција на Северна Македонија, особено ако се има предвид улогата на Собранието во носењето на закони усогласени со правото на ЕУ.

Пред литванските парламентарци, Димитров се осврна и на конкретниот напредок во клучните реформски области од првиот кластер „Темели“ и цврстата решителност на Северна Македонија за зајакнување на институциите како еден од клучните чекори на нашиот пат кон ЕУ.

Литванските парламентарци, пак, го спделила ставот дека неодложно е потребно постигнување на консензус за преговарачката рамка и што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ.

По Рига и Вилнус, Димитров ќе ја заокружи балтичката турнеја со посетата на Талин, на 7 мај.

Back to top button
Close