Лапид – Од ТВ водител до мандатар на израелска Влада

– Јаир Лапид, кој вчера успеа да ја состави најневеројатната коалиција во историјата на Израел, е поранешен лидер на опозицијата и ТВ водител.

Кога Лапид во 2012 година ја основаше центристичката партија „Јеш Атид“ некои ја минимизираа важноста на настанот, претставувајќи го како уште еден обид на една ТВ ѕвезда да ја трансформира неговата медиумска популарност во политички успех.

Меѓутоа, неговата посветено секуларна партија на изборите во март заврши на второто место со 17 освоени места во Кнесетот и тој минатиот месец доби мандат да формира влада, откако политичкиот ветеран и сегашен премиер Бенјамин Нетанјаху не успеа да освои мнозинство во парламентот.

На помалку од еден час пред истекот на неговиот рок за формирање влада, во средата на полноќ, Лапид го извести израелскиот претседател дека успеал во тоа што многумина го сметаа за невозможно – да формира коалиција на жестоки идеолошки ривали, од десничарски религиозни националисти до конзервативни Арапска партија.

Тој успех е уште позачудувачки со оглед на минатомесечните граѓански судири меѓу арапските и еврејските жители, што се случија во заднината на огнениот судир на Израел со Хамас, милитантна исламистичка група што ја контролира палестинската енклава Појасот Газа.

Според коалицискиот договор, Лапид ќе биде премиер по две години, а неговиот главен партнер, националистичкиот тврдокорен Нафтали Бенет, ќе биде првиот ротирачки премиер.

Иако неговата партија индивидуално е најсилна и тој ја формира владата, 57-годишниот Лапид во првите две години ќе биде министер за надворешни работи.

Лапид, поранешен водител на вести и медиумска ѕвезда, е роден во Тел Авив, а неговиот татко е поранешен секуларен министер за правда, Јосеф „Томи“ Лапид, уште еден новинар кој влезе во политиката. Неговата мајка Шуламит е писателка, драматург и поет.

Јаир Лапид, исто така, бил и колумнист и има објавено десетина книги.

Како боксер аматер, но и ММА-борец, тој некое време важеше за еден од најпосакуваните израелски мажи.

Политички тој почна да „расте“ кога неговата партија во 2013 година неочекувано освои 19 места во Кнесетот, што го направи веродостоен фактор во израелската политика.

Во 2019 година, партијата се приклучи кон центристичкиот Сино-бел сојуз, предводен од поранешниот началник на израелската армија, Бени Ганц. Сино-белите беа главниот конкурент на десничарскиот Ликуд на Нетанјаху на три избори за помалку од една година.

Кога Ганц минатата пролет реши да влезе во коалиција со Нетанјаху, повикувајќи се на потребата од единство во време на интензивирање на пандемиите, популарноста на Лапид се зголеми.

Тој го обвини Ганц за кршење на фундаменталното ветување дадено од сино-белите до симпатизерите – соборувањето на Нетанјаху.

Лапид во интервју за АФП во септември изјави дека Ганц наивно верува дека Нетанјаху во коалицијата ќе биде конструктивен.

-Му кажав на Ганц дека јас работев со Нетанјаху, зошто не го слушаш моето искуство. Тој има 71 година и нема да се промени, рече Лапид.

Краткотрајната влада на единство меѓу Нетанјаху и Ганц тој ја опиша како „смешна коалиција“ во која министрите честопати не успеваа да комуницираат. Тој, исто така, предвиде дека коалицијата брзо ќе пропадне, што се случи поради жестокиот спор меѓу Нетанјаху и Ганц.

Меѓутоа, сега останува да се види колку ќе трае оваа уште понезгодна коалиција што тој  ја создаде, пред да се појават идеолошките тензии.

Првиот тест ќе биде гласањето за владата во парламентот.

Нетанјаху, познат по своите политички вештини за преживување, најверојатно ќе се обиде да ја подели кревката коалиција по што Израелците би можеле повторно да одат на избори.

Back to top button
Close