Лав избега од зоолошка и нападна човек во Турција
Лав кој избегал од зоолошка градина денеска нападнал и сериозно повредил човек во јужна Турција.
Лавот „Зевс“, како што објавуваат турските медиуми, избегал од зоолошката градина „Земја на лавовите“ во Манавгат, на брегот на Средоземното Море, и неколку часа подоцна нападнал 53-годишен маж додека спиел надвор, изморен по наводнување на нива со ф’стаци.
– Слушнав шушкање, а кога го кренав ќебето, лавот скокна врз мене. Се боревме, го фатив за вратот и го стиснав силно, но тој избега, изјави нападнатиот Сулејман Кир, кој е во болница со рани на главата, рамената и нозете.
Новинската агенција Илхас јави дека полицајците кои веќе трагале по лавот, го слушнале звукот од борбата и го избркале со истрели во воздух.
Агенцијата, исто така, прикажа снимки од лавот како шета пред куќи и исчезнува во грмушките. Полициски екипи со беспилотни летала, сепак, го пронашле во блиската шума и го убиле.
Зоолошката градина „Земја на лавовите“ на својата веб-страница се фали дека го има најголемото семејство лавови во светот, со повеќе од 30 единки, а има и тигри, мечки и волци.
Не е јасно како лавот избегал, но е започната истрага