Лавров: Неприфатливо е странско воено присуство во Авганистан
Русија, која беше домаќин на делегација на талибанската влада, предупреди дека е неприфатливо странско воено присуство во Авганистан.
На почетокот а средбата, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ја пофали талибанската влада за нејзината борба против Исламска држава и други екстремистички групи, како и за борбата против трговијата со наркотици.
– Распоредувањето на воена инфраструктура од трети страни на територијата на Авганистан, како и на териториите на соседните земји, е категорично неприфатливо под каков било изговор, наведе Лавров.
Талибанската влада минатиот месец ја отфрли понудата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја врати воената база Баграм, четири години по хаотичното повлекување на САД од Авганистан.
Откако талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан во август 2021 година по повлекувањето на силите на САД и НАТО, тие побараа меѓународно признавање, наметнувајќи го своето строго толкување на исламскиот закон.
Во јули, Русија стана првата земја што ја призна владата на талибанците откако ја отстрани групата од својот список на нелегални организации.
Талибанскиот министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки го пофали „смелиот чекор на Руската Федерација официјално да го признае Исламскиот емират Авганистан“.
Разговорите во Москва нудат добра можност за земјите во регионот да ги слушнат меѓусебните перспективи, истакна Мутаки, додавајќи оти неговата влада создала можност „да обезбеди сеопфатна безбедност по четири децении и да обезбеди добра основа за инвестиции, економија, транзит и поврзаност“.
На денешните разговори во Москва учествуваа и претставници од Кина, Индија, Иран, Казахстан, Киргистан, Пакистан, Таџикистан и Узбекистан.
Талибанската влада останува релативно изолирана на светската сцена, главно поради ограничувањата наметнати врз жените. Иако талибанците првично ветија поумерено владеење отколку за време на нивниот прв мандат на власт од 1996 до 2001 година, тие воведоа ограничувања веднаш по преземањето на власта во 2021 година – на жените им е забрането да работат на повеќето работни места и да посетуваат јавни места, вклучително паркови и градски бањи, а на девојчињата не им е дозволено да го продолжат своето образование по шесто одделение