Лавров: Русија е подготвена да го земе високо збогатениот ураниум од Иран и да го преработи

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Русија е подготвена да го земе високо збогатениот ураниум од Иран и да го преработи за употреба во нуклеарните централи, како и да посредува меѓу САД и Иран, доколку Техеран изрази таква желба.

Лавров потсети дека рускиот претседател, Владимир Путин, претходно ја нагласил подготвеноста на Русија да помогне во преработката на збогатениот ураниум акумулиран во Иран до нивото потребно за употреба за енергетски цели, дури и пред склучувањето на нуклеарниот договор со Иран, таканаречениот Заеднички сеопфатен акциски план, јавија руските медиуми.

Шефот на руската дипломатија објасни дека, бидејќи прашањето за ограничување на збогатувањето на ураниумот до неодамна беше вклучено во преговорите меѓу САД и Иран, Москва ги потсетува преговарачите дека поседува такви технолошки можности.

-Подготвени сме да го земеме вишокот збогатен ураниум од Иран и да го преработиме во Русија, а потоа да го вратиме во Техеран за да го користи во своите нуклеарни реактори, рече Лавров, кој учествува на самитот на БРИКС во Бразил.

Русија, додаде тој, сака да помогне во приближувањето на ставовите на актерите, ако тоа им одговара, а тоа првенствено зависи од Техеран.

Според него, САД сега сакаат да го продолжат дијалогот со Иран, а Оман и некои други арапски земји од Персискиот Залив помогнале во тоа.

Лавров потсети дека Заедничкиот сеопфатен план за акција за нуклеарната програма на Иран, од кој САД се повлекоа во 2018 година, е резултат на заедничките напори на Велика Британија, Франција, Германија, САД, Русија, Кина и Иран.

Back to top button
Close