Лавров: Ситуацијата околу преговорите во Истанбул е интригантна, ќе има тешки разговори

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека ситуацијата околу украинско-руските преговори во Истанбул е „интригантна“, нагласувајќи дека никој не очекува лесен процес и повторно критикувајќи ја улогата на Западот и властите во Киев во ескалацијата на конфликтот.

-Секако, сите сега зборуваат за Украина во врска со интригата што моментално се „готви“ во Истанбул, рече Лавров на состанокот на Дипломатскиот клуб во Москва, јавија руските медиуми.

Тој додаде дека разговорите ќе бидат тешки и потсети на прекинатите преговори од 2022 година, за што ја обвини Велика Британија.

Лавров остро реагираше на барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски лично да присуствува на разговорите, нарекувајќи го Зеленски „беден човек“ и наведувајќи дека е „манипулиран“ од надворешни актери.

Тој ги повтори своите претходни ставови дека Киев води политика што не ги претставува сите делови од Украина, особено оние со рускојазично население.

Пред разговорите во Истанбул, Лавров ги повика западните земји да ги „присилат“ украинските власти да го почитуваат сопствениот Устав, меѓународното право и Повелбата на ОН.

Тој ги етикетира Британците како клучни актери кои, како што вели, го водат Зеленски низ „џунглата на светската политика“ и спречуваат ситуацијата да се смири.

Преговорите меѓу руската и украинската делегација беа закажани во канцеларијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во центарот на Истанбул, на истото место како и во 2022 година.

Руската делегација ја предводи помошникот на претседателот, Владимир Медински, а со него се и заменик-министерот за надворешни работи, Михаил Галузин, началникот на Главната администрација на Генералштабот, Игор Костјуков, и заменик-министерот за одбрана, Александар Фомин.

Рускиот претседател Владимир Путин предложи разговорите да продолжат без предуслови, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека целта на Русија е да постигне долгорочно мирно решение и да ги заштити националните интереси.

Back to top button
Close